Православните верници денеска го слават празникот Богојавление, а централните манифестации, традиоционално ќе се одржат во Скопје и Охрид со осветување на водите на реката Вардар и Охридското езеро со положување на крстот во нив.
Празникот се одбележува од вториот век, а уште се нарекува и Водици поради големиот водосвет што го врши црквата на овој ден.
Според христијанското предание, на овој ден се одбележува крштевањето на Исус Христос од страна на Свети Јован Кристител во реката Јордан.
Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст. Над 220 граѓани денес ќе се обидат да го фатат крстот што ќе биде положен во реката Вардар во Скопје. Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.
Посебен режим на сообраќај
Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје денеска по повод празникот Водици ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Скопје, како и во општините Ѓорче Петров, Кисела Вода и Аеродром.
Така, во центарот на град Скопје за сообраќај ќе биде затворена улицата „Филип Втори Македонски“ на потег од крстосница со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосница со улицата „11-ти Октомври“ во двете насоки.
Во општина Кисела Вода за сообраќај ќе бидат затворени улиците „14-ти Декември“ и дел од улицата „Христо Татарчев“ до салата „Расадник“.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, булеварот „Партизански Одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“, потоа улицата „Ѓорче Петров“ до улицата „Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, улицата „Козле“, дел од улицата „Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар.