Пишува: Владимир Перев
Пред Бога сите сме еднакви, би рекле верниците од речиси сите конфесии. Така е, а сега разбравме дека и верските лидери се држат кон верниците на истиот начин. Патријархот “Московски и Всој России“, Кирил, со световното КГБ-овско презиме Гундјаев, тоа го покажа на најдобриот начин. Ни покажа дека не е заминато времето на Хомеини и неговиот “свет“ Џихад против Америка и целиот Западен свет, против вредностите на тој свет и против демократските дострели на западните општества. Хомеини “замина“, но остана омразата кон сѐ напредно и цивилизирано, безразлично дали е од или кон Западното или било кое општество.
Хомеини беше единствен, и верски и световен лидер. Денес тој е вдвоен низ ликовите на Владимир Путин, како световен лидер на постсоветска Русија и низ ликот на Патријархот Кирил, како духовен лидер на својата руска паства, насекаде низ светот. Тој, Патријархот Кирил, поглаварот на Руската православна црква, им порача на своите следбеници дека „жртвата во извршувањето на воената должност ги измива сите гревови“. Грешете слободно, ама дадете го животот за “татковината“ и Рајот ви е загарантиран, ве чека, прочистени и ослободени од сите гревови…развиена и модерна верзија на апелите на Хомеини. Хомеини го бранеше исламот и неговите ценности, а Гундјаев ја брани “татковината“, поим кој и на многумина руси (па и нам, на македонците) не им е јасен.
Лесно е да се каже дека рускиот патријарх говори глупости, тешко е да се видат и разберат последиците од тоа. Уште потешко е сите ние да си го најдеме местото во ова воено време во близина на нашите граници и живеалишта. По кој пат ќе тргне Македонија?
Овде нема многу расположение да се тргне во војна, на било чија страна, за да се „измијат гревовите“. Ние во гревови не веруваме, веруваме во политика. Има овде политички русофилски поставки, има русофили убедени низ сопствените искуства, но и низ семејните наследни легенди. Кога е во прашање некакво единство со српскиот и рускиот народ, тогаш сѐправославието е на висока цена и прифатливо, но кога се работи за единство со бугарскиот, грчкиот или албанскиот православен корпус, тогаш тоа нема никаква вредност. Мртво слово. Треба настрана од сите да ги ставиме оние кои од “рублјаџиски“ причини, значи за рублји, пари, служат на сеправославието и русофилството како идеја. Тие лесно ќе ја сменат страната.
Македонското православно општество во својот најголем дел е составено од потомци на егзархистите и само мал број се од страната на патријашистите. Таа поделба била од “времето на пропагандите“, но традициите опстојуваат сѐ до денешни дни.
Јадрото на егзархиската идеја е собрано, збиено околу групацијата на ванчомихајловистите, како од потомците на истите, така и од денешните припадници на идејата на Михајловизмот. Тоа значи дека тие припаѓаат кон Западното општество, кон парламнтарните демократии и кон ценностите на Западната демократија. Таков беше Ванчо Михајлов, таков беше и составот на раководството и членството во првите состави на ВМРО ДПМНЕ, за во денешно време таа позиција реско да се промени. Денешното ДПМНЕ премина на страната на деспотизмот на азијатските лидери, популизмот на српскиот сосед Александар Вучиќ и стерилноста на квазилибералистичките струи во дел од западните општества. Сепак, ниту слабоста на ДПМНЕ, ниту пак лабавото предимство на СДСМ, не може да изврши големо влијание врз определбите на македонската политика.
Македонските бугари/михајловистите се целосно антикомунистички и антиболшевички настроени и никогаш нема да гласаат за карикатурални политики од типот на некаков путинизам. Русија во целост, безразлично дали е комунистичка или царистичка е непријател број еден на бугарскиот и македонскиот народ и непријател на значителниот број албанско население во Македонија.
Нашите погледи се свртени кон Софија и Тирана. Од демократскиот капацитет во тие земји, ќе зависи судбината на народот во Македонија и нивната иднина. Таму, во Софија и Тирана треба да се извојува слободата. Специјално во православната Софија. Таму треба да биде најостро осудена руската агресија врз Украина и да биде екскомуницирана од јавниот простор личноста на Кирил/Гундјаев, како последовател на најцрните шовинистички и нацистички страници од историјата на Европа. Кирил/Гундјаев во Македонија се восприема како последовател и прокламатор на рускиот националистички империјализам, мракобесие и омраза кон малите и малубројните народи.
Софија не смее да си дозволи понакво мислење. Од позицијата на бугарското раководство, зависи иднината на бугарското племе во Македонија, Западните покраини и низ целиот демократски свет.Прв пат после седумдесетина години сме на истата страна на историјата, на страната на праведноста и просперитетот. Ова е време кога Софија треба да го чува и негува нашето единство.
Во противно, одново ќе ја гледаме советизирана и пораженска Бугарија, тероризирани македонски бугари и бесконечна разединетост во идеите, идеалите и националнот себепрепознавање. Колку пати ќе ја учиме лекцијата!?