Пратките испратени по Македонски пошти до адресатите на примателите патуваат и до три месеци. Граѓаните се соочуваат со многу проблеми во судските постапки поради доцнење на поштата. Велат дека услугите воопшто не се квалитетни, па ретко ги користат, некои дури и иронично прашуваат зарем има пошта во земјава?

„Да, ги користам. Пошта на РСМ. Мислам дека ќе беше подобро да беше уште побрзо, но добро… Триесет дена доцнеше последната нарачка”,рече еден граѓанин.

“Таму ја плаќам струјата, инаку за други услуги, не. Дали документите ви стигнуваат на време? Не баш, на пример водата доаѓа редовно, но струјата не. Проблем е… Рокот доаѓа, треба да се плати, а сметката не е стигната“, додаде друг.

Адвокатот Мефаил Аслани вели дека поради ненавремената испорака се случува судските покани да пристигнат по завршувањето на судското рочиште, а многу често се случува граѓаните да се соочат со проблеми со извршители и да добијат информација дури откако сметката ќе им биде блокирана.

„Се случува, на пример, да добиеме покана од судот, а кога ќе ја добиеме, рочиштето е веќе поминато, а ние не сме биле информирани. Потоа има нервоза и кај странките и кај нас… Имаме случај кога со Граѓанскиот суд кој е на неколку чекори од нашата канцеларија, комуникацијата се врши преку пошта“, изјави Мефаил Аслани, адвокат.

Од февруари годинава стапија во сила новите цени за 8 поштенски услуги. Цените за 5 услуги се зголемени, а за 3 намалени. Поштата на РС Македонија е акционерско друштво во сопственост на државата. Со години се соочува со проблеми и големи загуби.