Пратеникот Салим Сулејмани денеска ја информираше јавноста дека поднесува оставка од сите партиски функции во рамки на Алијансата за Албанците, како и од функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија.
„Со полна морална, професионална и политичка одговорност, ве информирам дека поднесувам оставка од сите партиски функции во рамки на Алијансата за Албанците, како и од позицијата пратеник во Собранието“, наведе Сулејмани.
Тој појасни дека неговото политичко делување било мотивирано од желбата за вистинска промена, а не од лична амбиција, додавајќи дека учеството во коалицијата ВЛЕН било насочено кон, како што рече, разобличување на неуспесите и злоупотребите на власта од страна на ДУИ.
„ДУИ, партија која две децении е дел од власта, наместо да биде достоен претставник на Албанците, се претвори во структура поврзана со лични и клановски интереси. Коалицијата Вреди ја гледав како антипод на таа коруптивна матрица“, изјави Сулејмани.
Сепак, според него, во последниот период дошло до сериозно отстапување од првичните принципи, особено по приближувањето на Алијансата за Албанците до ДУИ во пресрет на локалните избори.
„Ова политичко сојузништво е прекршување на нашите ветувања и недостојно претставување на Албанците. Не можам да бидам дел од алијанса што прави компромиси со луѓе кои се спомнати на меѓународни црни листи поради сериозни афери“, порача Сулејмани.
Тој најави дека неговата политичка кауза не завршува со оваа одлука, туку дека ќе продолжи да се ангажира во други форми, со цел, како што рече, „да им служи на граѓаните уште поефикасно“.
„Ветувам дека многу скоро ќе ги почувствувате резултатите и ќе ги видите трагите од мојот ангажман во иднина. Барам само трпение и разбирање, додека вистината не излезе целосно на површина“, напиша Сулејмани.