Тројцата пратеници во Собранието на Северна Македонија, Изет Меџити, Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи, кои се дел од фракцијата на ДУИ, денеска иницираа уставни измени за бугарското прашање, но и за отстранување на 20 проценти, во однос на употребата на албанскиот јазик. Предлогот до Комисијата за уставни измени при Министерството за правда, кој го носи потписот на тројца пратеници, го поднесе потпретседателот на Форумот на млади на Демократската унија за интеграција и дел од Фракцијата, Јетмир Асани, заедно со група млади луѓе.

„Со оваа иницијатива уште еднаш го потврдуваме нашиот став дека сме за уставни измени во однос на бугарското прашање и затоа силно стоиме на европскиот пат. Но, во исто време цениме дека е политички момент дефиницијата од 20% за албанскиот јазик да се тргне од Уставот, бидејќи Уставот не се отвора секој ден, а сега имаме можност истовремено да го ставиме спроведување на албанскиот јазик на неговото вистинско место“, изјави Асани пред да го поднесе предлогот.