Ручеци и вечери за пратениците по смешни цени во просториите на Собранието. Како што Алсат можеше да се увери, менито за пијалоци и храна е многу евтино. Ако го споредиме со платите што ги добиваат избраниците, односно неколку илјади евра, цените се колку да не е за џабе. Пратениците јадат поевтино дури и од најевтините мензи во најзапуштените делови на градот, па дури поевтино од студентите и учениците во студентските домови.
Полна трпеза во ресторанот на Собранието, каде пратениците и вработените во Собранието можат секојдневно да јадат по многу ниска цена. Како што можете да видите тука има главно јадење, салата, десерт, кафе и леб не повеќе од 3 евра. Можете да се заситите секој ден. А, вие што јадете надвор од Собрание, нека ви е на здравје со солени цени.
За супа од брокула пратениците плаќаат само 60 денари. На пример, во Скопската чаршија цената ѝ е 120 денари. Чинија ориз во Собрание не чини повеќе од 30 денари, додека чинија пире е уште поевтино, 20 денари. Во рестораните низ Скопје цените се многукратно повисоки. Месните производи во Собранието се движат од 65 до 140 денари, додека килограм печена риба не чини повеќе од 390 денари, многу поевтино од цената на пазарите. Пратениците можат да јадат мешана салата со краставици, зелка или домати по цена од 15 до 40 денари. Во најевтиниот ресторан во Скопје ваква салата може да чини и до 100 денари.
Споредено со она што го направивме во најголемиот студентски дом во земјава „Пелагонија“, се покажа дека многу „посиромашниот“ дневен оброк чини повеќе или оти има реален пазарен трошок со прехранбените производи.
Во меѓувреме, во студентската менза на домот Пелагонија овде во Скопје, дневниот оброк на еден студент чини 4 евра.
Иако цените во Собранието со години се фиксни, во студентските домови трошоците варираат.
„Капацитетот на оваа студентска куќа е 997 лица за сместување, додека дневниот оброк, студентски ручек и вечера кои ги нудиме, чинат близу 250 денари по пазарна цена“, вели Агим Фејзулаху, директор на Студентски дом „Пелагонија“.
Ова значи дека еден студент, ако јаде во студентската менза, месечно треба да издвои над 120 евра. За споредба, на еден пратеник би му требале само 90 евра за јадење и пиење во Собранието. Нашите пратеници не само што се хранат добро, туку често и си дремнуваат на пленарните седници, откако ќе се уверат дека се запишале за да си ја добијат и загарантираната дневница.