Предлог-буџетот за 2023 година оваа недела треба да биде ставен на пленарна седница пред пратениците во Собранието откако комисијата за финансирање и буџет минатиот понеделник ја заврши амандманската расправа каде беа разгледани поголем дел од амандманите поднесени од опозицијата, кои главно се однесуваа на изградба на регионални и локални патишта и водоснабдителни системи.
Министерството за финансии прифати неколку амандмани, но во видоизменета форма, а дел од предлагачите ги повлекоа своите амандмани, но можни се нови блокади од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ бидејќи и самата расправа на комисјата траеше долго бидејќи тие предложија најголем дел од 263-те амандамани, меѓу кои беше и предлогот за изградба на едно училиште, кое веќе е изградено.
Амандмани имаше и од СДСМ кои бараа да се зголеми сумата за студентскиот оброк од 120 на 160 денари, но и подобрување на условите во студентските домови.
Она што е новина е што Буџетот 2023 е прв од реформирамиот Закон за буџет со кој се најавени крупни промени во управувањето со парите на граѓаните. Поточно и поконкретно, Буџетот 2023 е официјално првиот среднорочен буџет кој ја утврдува рамката за пошироката слика во која се „насликани“ актуелните и претстојните предизвици за македонската економија, а 2023 е трета година за којашто се креира буџет во услови на глобална економска криза
Во Предлог-буџетот за следната година растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година.
Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи, пак, се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година.
За антикризни мерки се издвоени 250 милиони евра
Од Министерствата, убедливо најголем буџет за следната година државата одвојува за Министерството за труд и социјална политика. За ова министерство се планираат над 800 милиони евра, или поточно 868 милиони евра, од кои 499 милиони евра се наменети за трансфер во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со што се обезбедува достапност на социјални услуги, како и континуиран раст на пензиите согласно новата методологија за нивно усогласување со трошоците на живот и просечната плата.
Од вкупниот буџет за 2023 година за антикризни мерки се издвоени 250 милиони евра, за кои е обезбедена и финансиска помош за пензионерите, но и за ранливите категотии на граѓани.
Со 80 отсто се субвенционира цената на струјата за граѓаните и за 72.000 компании, кои вработуваат најголем дел од од работниците во државата.
Субвенционирана струја, согласно одлуката на Владата се обезбедува и за основните и средните училишта, јавните претпријатија од областа на водостопанството и компаниите од прехранбената идустрија.
Досега 187 компании од прехранбената индустрија склучиле договор за субвенционирана струја, што треба да ги намали цените на основните прехранбени производи до 10 проценти пред се од пекарската, млечната и од месната индустрија.
Колку пари добиваат другите министерства
Меѓу топ три институции со највисоки буџетски средства е и Министерството за образование и наука. МОН согласно податоците во буџетот следната година ќе треба да добие скоро 506 милиони евра.
Во првите пет институции со повисок буџет е Министерство за транспорт и врски, кое следната година ќе имаат на располагање 324 милиони евра.
Следни на листата по буџетските средства се Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи. Притоа МО следната година ќе имаат на располагање скоро 277 милиони евра, додека пак МВР ќе добие 205 милиони евра.
Меѓу институциите кои исто така имаат поголема сума за трошење за следната година е Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој која добива 143 милиони евра за трошење за следната година.
По нив е Министерството за здравство кое за следната година има скоро 112 милиони евра на располагање.
Под ставката Финансирање на дејностите од областа на културата, кои се всушност средства кои ќе ги се трошат од страна на Министерството за култура за следната година на располагање имаат скоро 66 милиони евра, и дополнителна помала сума за самото министерство.
Превземено од Цивил Медиа