Пратеничката Мимоза Муса, членка на Комисијата за европски прашања, учествува на 73. Конференција на комисиите за европски прашања на Парламентите на земјите членки на Европската Унија (КОСАК), која се одржува од 8 до 10 јуни 2025 година во Варшава, Република Полска.

Конференцијата се одржува во Сејмот на Република Полска, а учество земаат претставници на Парламентите од земјите членки и кандидатите за членство во Европската Унија, како и претставници на Европската комисија и Европскиот парламент.

 

Темите опфатени на Конференцијата се: приоритетите на Полското претседателство со Советот на ЕУ, работните програми на Европската комисија и Европскиот парламент во новиот институционален циклус, идната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ, политиката за проширување и јакнењето на сајбер отпорноста и борбата против дезинформации.

Настанот беше свечено отворен од страна на маршалот на Сејмот на Република Полска, Шимон Холовниа, а Конференцијата се одвива под копретседателство на Агњешка Помаска, претседателка на Комисијата за европски прашања на Сејмот на Република Полска и Томаш Гродsки, претседател на Комисијата за европски прашања на Сенатот на Република Полска.

Во своите воведни обраќања ја нагласија важноста на парламентарната соработка и единството на европските институции во справување со заедничките предизвици. Тие упатија повик за продлабочена вклученост на националните парламенти во процесот на донесување политики на ниво на ЕУ и подвлекоа дека проширувањето останува клучен инструмент за стабилност и просперитет на целиот континент.

 

Пратеничката Мимоза Муса имаше свое обраќања на втората сесија од Конференцијата.

На втората сесија, каде се дебатираше за работните програми на европските институции и Стратешката агенда на ЕУ, Муса истакна дека приоритетите на Комисијата и Парламентот се од исклучително значење за земјите кандидати. Таа подвлече дека Северна Македонија активно работи на зелена транзиција, дигитализација, економски развој и борба против корупцијата, и ја потенцираше важноста на продолжување на политиката на проширување врз основа на заслуги.

Во рамки на своето учество, пратеничката оствари средба со голем број колеги и со амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Полска, Јасмин Ќахил.

КОСАК претставува форум за соработка меѓу комисиите за европски прашања од националните парламенти и Европскиот парламент, кој овозможува редовна размена на информации, ставови и добри практики во однос на европското законодавство и политики. Форумот постои од 1989 година и има важна улога во вклучувањето на националните парламенти во процесите на донесување одлуки на ниво на ЕУ.