Не само на чинот на гласање, туку и во текот на собраниската расправа не беше присутна пратеничката Лолита Ристова зашто е позитивна на ковид-19.
„И без нејзиното присуство сосема јасно беше дека имаме доволен број на пратеници за поддршка на Владата на нашиот лидер Димитар Ковачевски. На Ристова ѝ посакуваме со најдобро здравје да се врати во работата на парламентот“, велат од СДСМ.
Пратеникот од ДУИ Изет Меџити беше присутен само во саботата кусо време по отворањето на седницата, а потоа не ја следеше расправата од пратеничките места.
Во изјава за неколку медиуми на албански јазик рекол дека не е во Скопје, а за Слободен печат кажал дека нема да гласа. За причините за отсуството не кажал ниту збор. Но може да се насети дека тој и натаму, како и минатата година, е незадоволен од изборот на некои кадри во рамките на ДУИ, пред се во поглед на Артан Груби и Бујар Османи кои доаѓаат од неговиот чаирски огранок, а за кои личности сметал дека ја немаат поддршката во базата. Меџити реагирал до Али Ахмети дека постои намера да се маргинализира инаку многу влијателниот чаирски огранок, со цел да зајакне тетовскиот.