Фотографиите на српскиот претседател Александар Вучиќ со повредените од пожарот во дискотеката во Кочани предизвикаа бран негодувања на социјалните мрежи, како во Србија, така и во Македонија.
Вучиќ на своите лични профили на социјалните мрежи објави фотографии од тоа како ги посетил пациентите повредени во пожарот во дискотека во Кочани, кои се испратени на лекување во Белград.
„За нас трагедијата во Кочани е како да се случила некаде во нашата земја. Верувам дека ќе можеме да им помогнеме на овие луѓе кои дојдоа со ужасно тешки повреди. На располагање им стоиме на нашите браќа и пријатели Македонци и подготвени сме да примиме повеќе пациенти бидејќи имаме болници од прва класа“, напиша Вучиќ на Инстаграм, додавајќи: „На македонскиот народ нема да му биде лесно, а ние секогаш ќе бидеме со него, како што тие беа со нас“.
Вучиќ донесе над 20 репортери, фоторепортери и сниматели во една од собите со тешко повредени млади луѓе.

„Срам да ти е Вучиќ! Немаш тронка достоинство! Од каде имаш право да сликаш луѓе, болни во завои, заради самопромоција! Срам за тебе и за целата твоја придружба!“, „Повредените ги пративме да ги лекувате, а не да правите ПР“, „И ова го искористи за да се промовираш?!“, се некои од коментарите.



