Скендер Реџепи – Зејд, актуелен пратеник и лидер на политичката партија „Народно движење“, е официјално избран за кандидат за градоначалник на Град Скопје од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ).
„По консултациите со лидерите на политичките партии кои ја сочинуваат Националната алијанса за интеграција, едногласно се одлучивме за кандидатурата на Скендер Реџепи. Тој е дипломиран на Филозофскиот факултет, има долгогодишно искуство во граѓанскиот сектор и е докажан борец за политички и социјални реформи во Собранието“, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Ахмети истакна дека кандидатурата на Реџепи претставува симбол на обединетите прогресивни сили на албанската заедница во земјата и нуди јасна визија за развој на Скопје.
„Скопје заслужува градоначалник кој ја разбира реалноста, ги слуша граѓаните и работи посветено за сите. Убедени сме дека токму Скендер Реџепи – Зејд е вистинскиот избор за еднаква и транспарентна иднина на главниот град“, додаде Ахмети.