Еден активен пожар и дванаесет изгаснати е билансот во последните 24 часа во земјата за состојбата со пожарите и притоа од Центарот за управување со кризи информираат дека пожарот кај селото Фурка меѓу општините Дојран и Богданци сѐ уште е активен, но со намален интензитет.

Гори деградирана шума-прнар, а на места има и борова шума. Ангажирани сили и служби се: Територијалната противпожарна единица ТППЕ Гевгелија со 10 до 14 пожарникари и 3 противпожарни моторни возила (пп м.в.), доброволно ПП друштво Дојран со 4 лица и 1 возило, Комуналец Гевгелија со 1 цистерна и 2 вработени за дотур на вода, Комунално Дојран со 2 возила и околу 10 вработени, Јавно претпријатие Национални шуми (ЈПНШ) Подружница Кожув Гевгелија со 2 возила и 10 вработени,ТППЕ Кавадарци со 2 ПП возила и околу 8 пожарникари,ТППЕ Валандово со 1 ПП возило и 3 пожарникари, ДЗС-Валандово со 1 возило и 5 членови на тимот за брз одговор, МВР ПС Гевгелија со 2 патролни возила и ТППЕ Струмица со едно возило и 4/5 луѓе, велат од ЦУК.

Пожарот е активен на кракот на западната страна на пожарот кон Богданци и мал крак кон Рибник Елита.

Околу 5 часот утринава на терен се излезени и околу 40 до 50 луѓе од ТППЕ-Гевгелија, ДЗС-Валандово, ЈПНШ Подружница Кожув, а и граѓани од локалното население.