Пожарот кој избувна во близина на хотелот „Њу Стар“ во скопската населба Визбегово е локализиран, но на терен и понатаму дежураат две екипи на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје.

Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), во денешната интервенција биле ангажирани вкупно седум противпожарни возила и 20 пожарникари. Пожарот зафатил површина од околу 5000 квадратни метри, при што биле опожарени жито, еден магацин со градежни материјали, како и дворот на хотелот.

„Денеска, при повторно разгорување, пожарот се прошири до хотелот „Њу Стар“, како и до околните куќи, со што директно беа загрозени животите на граѓаните“, стои во објавата на ЦУК на Фејсбук.

Оттаму апелираат до сите надлежни институции и локалните самоуправи итно да се вклучат со конкретни чекори и да се стави крај на проблемот со дивите депонии, кои, според нив, претставуваат сериозна опасност по животната средина и јавното здравје.

ЦУК информира дека директорот Мухамед Али денеска испратил ново барање до надлежните институции со цел итно преземање активности за конечно решавање на овој проблем.

„Проблемот со оваа дива депонија трае подолг временски период и претставува реална закана за здравјето, безбедноста и добробитта на граѓаните, како и сериозна оперативна оптовареност за БППЗ, која често е ангажирана на истата локација“, посочуваат од ЦУК.

Оттаму потсетуваат дека во текот на изминатата недела директорот Али повеќекратно испратил официјални барања за интервенција, но засега нема конкретен одговор од надлежните.