После пожарот кој избувна попладнево во фабриката за леб и бели печива „Жито Битола“, екипите на ТППЕ Битола интервенираат на терен.
Градоначалникот на општина Битола, веднаш пристигна на местото и воспостави дополнителни контакти со цел добивање поголема поддршка за навремено локализирање на пожарот.
Коњановски информираше дека на терен се девет возила и 27 пожарникари на противпожарната единица, а од негова страна побарана е поддршка и од РЕК Битола од каде пристигна дополнителна цистерна која ќе помогне во гаснењето на пожарот. Градоначалникот воспостави контакт и со директорот на ЦУК Стојанче Ангелов и Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, со цел преземање на сите потребни мерки и спречување на понатамошно ширење на пожарот.
– Важно е што нема повредени лица. Мобилизирани се сите пожарникари, а побаравме помош и од соодветни екипи на РЕК Битола. Разговрав и ги информирав ЦУК, министерот Оливер Спасовски, како и колеги од соседните градови да помогнат доколку пожарот ги зголеми размерите, истакна битолскиот градоначалник Тони Коњановски.
Вечерва со соопштение до јавноста излезе СВР-Битола од каде информираат дека на терен се излезени и полициски службеници за координирање на сообраќајот и јавниот ред во тој дел на градот.
– До сега нема пријава за повредени лица. Полициските службеници во координација со територијалната противпожарна единица Битола интензивно преземаат мерки за гасење на пожарот, соопштија од СВР-Битола.
Превентивно, во овој дел на градот исклучена е електричната енергија, а сообраќајот се одвива со посебен сообраќаен режим.