„Активен е пожарот во Делчево, кој заедно со оној во Пехчево се третираат како едни од најголемите во Македонија. Таму се загрозени повеќе села, а огнот се префрла и кон високите планински сртови на Голак. За денеска се најавени ветрови од 70 километри на час, што е многу тешко за нас“, рече Горан Стојковски од ЦУК.
Три хеликоптери се вклучени во гаснењето на овие пожари, а еден дејствува кај кумановското село Бељаковце, за да се заштити тамошниот стар манастир.
Од ЦУК велат дека утрово во 4:30 часот бил локализиран пожарот кај селото Богословец, кој почнал да се движи кон Штип. Во меѓувреме, ветерот го променил правецот на огнот накај Карбинци и на тој терен реагира и армијата.
Под контрола се пожарите во околината на Велес, Охрид, Прилеп и Валандово, како и седум од осумте пожари во Кумановско, каде што е активен само оној кај Бељаковце. Од ЦУК велат дека очекуваат и тој да биде ликвидиран во текот на денот. Веќе два дена има активни пожари во општините Ранковце и Крива Паланка, каде што во гаснењето помагаат 60-ина припадници на АРМ.
Во Скопско вчера имало 18 пожари, од кои 17 се комплетно изгаснати. Активен е само пожарот кај Сарај, кој се спуштил од тетовското село Желино и зафати дел од Јасен. Од ЦУК велат дека пожарот во Јасен е изгаснат, но постои опасност повторно да се активира.
Стабилна е ситуацијата со пожарите крај три села во околината на Кавадарци, каде што постоела опасност огнот да се префрли на Кожув.