Шведскиот град Малме во текот на ноќта беше место на неколку насилни инциденти по собирите против крајно десничарската организација која најави палење на Куранот, соопшти полицијата.
„Во текот на ноќта избувнаа неколку пожари во Малме“, се наведува во соопштението во кое се додава дека се запалени автомобил, автобус и канти за ѓубре, а поднесени се и повеќе пријави за вандализам.
Насилството избувна по митингот на антимигрантското и антиисламското движење „Тврда линија“. Движењето го предводи Расмус Палудан, кој е со данско-шведско потекло.
Тој во моментов организира собири во Шведска, каде во повеќе градови избија судири меѓу полицијата и демонстрантите.
Во Малме, каде демонстрантите ја гаѓаа полицијата со камења, ситуацијата се смири по три часот наутро.
Дванаесет полицајци беа повредени во судирите со демонстрантите против Палудан во четвртокот и петокот.