Најмалку девет лица загинаа во пожарот во болницата во романскиот град Констанца во која што се лекуваат пациенти болни од ковид-19. Тоа е трет смртоносен пожар во романските болници оваа година.
Снимките од местото покажуваат пациенти како скокаат од прозорците на пониските катови, додека пожарникари вадат луѓе надвор.
Министерот за здравство Чеке Атила изјави дека во болницата имало 113 пациенти, вклучувајќи десет на одделот за интензивна нега, каде што избил пожарот.
Во романските болници моментално се лекуваат 12.100 пациенти со ковид-19, од кои 315 деца. Во земјата вчера се регистрирани 12.032 нови случаи на коронавирус, што е дневен рекорд од почетокот на пандемијата. Романија ја има втората најниска стапка на имунизација во Европската Унија, зад Бугарија.