Македонија се задолжи за нови 700 милиони евра.
„Ќе се врати долгот по основ на третата еврообврзница издадена во 2014 година во износ од 500 милиони евра“, истакна Фатмир Бесими.
А со останатите 200 милиони:
„Примарно овие средства ќе се насочат кон економските и здравствени мерки за справување со кризата и закрепнување на нашата економија, тоа што беа и главните приоритети при донесувањето на буџетот за 2021 година“, додава Фатмир Бесими.
Разговаравме со консултантот Синиша Пекевски кој вели дека токму актуелната Влада во минатото беше против овие еврообврзници.
„Кога претходната Влада се задолжуваше за 500 милиони евра еврообврзници, какви се не пречки и бариери дури и писма испраќаа до Светска банка, ММФ дека не треба да се земе еврообврзница и дека тоа штети на угледот на Македонија. А сега толку лесно го поминуваат тој процес за земање на еврообврзница за 700 милиони евра“, вели Синиша Пекевски.
За три години 1,9 милијарда евра се земени во еврообврзници, а инвестициите според Пекевски се само во човечки капитал.
„Директен бенефит за економијата и за воопшто за стандардот на граѓаните на Македонија, е еднаков на нула, така што не ја гледам условно потребата за земање на нова еврообврзница туку подобро менаџирање со парите кои ги имаат во буџетот. Колку ви е долга чергата, толку треба и нозете да ги испружиме“, посочува Синиша Пекевски.
Владата се пофали дека каматната стапка на оваа последна еврообврзница е историски најниска од досега осумте и изнесува 1,625%. Јавниот долг годинава ќе надмине 63 проценти од БДП, а државниот на крајот на 2021 година ќе изнесува 53,2 отсто.