Пишува: Јошка Фишер / PROJECT SYNDICATE
Од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Европа мина низ радикална трансформација. И Европската унија и НАТО реагираа со извонредно единство, сите стари конфликти во овие организации се чинеа дамнешни, со оглед на војната на континентот и исчезнаа навидум преку ноќ.
Но, тензиите вријат под површината на новооткриената кохезија на ЕУ. Ова е општо познато во двете најнаселени и економски важни земји членки на блокот, Германија и Франција, кои се сé повеќе во несогласување.
Редовно закажани меѓувладини средби се откажани. Додека францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц (заедно со тогашниот италијански премиер Марио Драги) отидоа на историско заедничко патување во Кијив, каде се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски, тие не организираа слична посета на Пекинг, иако тоа сигурно ќе ја зајакнеше позицијата на Европа.
Наместо тоа, Макрон тргна на самостојно тридневно патување во Кина и, на пат кон дома, рече дека Европа мора да избегнува „вклученост во кризи кои не се наши“ – мислејќи на Тајван – и да се спротивстави на тоа да стане „вазал“ на САД, привлекувајќи критики од двете страни на Атлантикот. Неговите разединувачки коментари скоро осигуруваат дека политиката на ЕУ за Кина ќе доведе до уште полоши односи помеѓу Франција и Германија и ќе ги ослабне трансатлантските односи, иако Европа се потпира повеќе од кога било на американската воена моќ соочени со руската агресија.
Ова е очигледно најлошиот можен момент за Европа и САД да се оддалечат една од друга. Стратешкиот предизвик наметнат од украинската војна ги интензивираше напорите на Кина за воспоставување нов светски поредок во кој Русија е трајно зависна од него, глобалната економија се врти околу Евроазија, а Кина ги поставува условите за меѓународните институции за управување. Наспроти овие кинески амбиции, сега повеќе од кога било, трансатлантското партнерство има потреба од зајакнување.
Во Париз, од друга страна, прашањата се однесуваат на тоа колку Шолц сака да ги преобликува билатералните односи и колкава важност им придава, со оглед на официјалниот молк на Германија на оваа тема. Пошироко, Французите сакаат да знаат каква Европа Шолц сака.
Патем, Шолц не е особено надарен политички комуникатор, со забележлив исклучок на неговиот говор „watershed era“, кој го одржа веднаш по руската инвазија на Украина. Но, тоа не објаснува зошто Шолц ги нема артикулирано неговите ставови во однос на француско-германскиот однос – срцето на блокот кое чука – и зошто амбициите на неговата влада за ЕУ остануваат непознати. Појаснување за двете прашања е итно потребно.
Заладување на односите е последното нешто што Франција и Германија можат да си го дозволат, со оглед на војната во Украина, пошироката руска закана за Европа и геополитичките предизвици наметнати од барањето на Кина и Русија за стратегија за Евроазија. Таква поделба би ја ослабела Европа во време кога токму спротивното – поголема француска-германска соработка – е потребно.
Повторното градење на таквата соработка нема да биде лесно. Двете соседни земји имаат спротивставени ставови во однос на некои од најважните политички прашања: односите со НАТО и САД, снабдувањето со енергија (нуклеарна наспроти обновлива), европската вселенска технологија, заедничката набавка на оружје и одбранбените способности на блокот (и степенот до кој НАТО треба да биде вклучен). Но, од друга страна, француско-германскиот однос никогаш не бил едноставен: тие се толку слични, а сепак толку различни.
Од самиот нејзин почеток, се подразбираше дека ЕУ ќе напредува само кога нејзините две најголеми економии ќе се движат во тандем. Иако ниту една земја членка не е способна да доминира во блокот, Германија и Франција се поединечно доволно силни, дури и во проширена ЕУ, да спречат каков било потег кон „сé поблиска унија“ доколку тоа го сакаат. Како резултат, за третирање на новите геополитички и безбедносни барања на европскиот континент ќе биде потребна заедничка француско-германска визија и подготвеност за компромис од страна на двете земји.
Дали Макрон и Шолц се согласуваат или се нервираат еден со друг е споредно, затоа што Европа е raison d’être за двете земји. Нема друга алтернатива. Уште повеќе, Брегзит покажа дека не доаѓа во предвид враќањето на системот на европски национални држави од деветнаесетиот век: „глобалната Британија“ која што Брегзитите ја ветија се покажа како целосна илузија.
Војната на рускиот претседател Владимир Путин против Украина и неговата закана за Европа брутално ја покажуваат неопходноста од ЕУ. Но, дури и пред февруари 2022 година, тековните промени во глобалниот поредок јасно ставија до знаење дека европските земји се премногу мали за светот од дваесет и првиот век. Нивниот избор е јасен: мир, слобода и просперитет кога се заедно, или конфликт, политичка нестабилност и контрола од страна на други кога се одвоени.
Француско-германската соработка останува неопходна за ЕУ, особено кога нејзината геоплотичка состојба е несигурна и нејзините економски перспективи се во прашање. Во најдобар случај, понатамошно отуѓување ќе го чини блокот скапоцено време во време кога мора да направи огромен технолошки напредок за да биде во чекор со САД и Кина. Во најлош случај, може да резултира во европска катастрофа – нешто што секој одговорен политичар треба да сака да избегне.
На Европа ѝ е потребен француско-германски мотор што добро функционира. Не може да си дозволи ниту привремен прекин.
Јошка Фишер, беше министер за надворешни работи на Германија и заменик канцелар од 1998 до 2005 година, тој беше лидер на германската Зелена партија скоро 20 години.