Фестивалот на европски филм „Синедејс“, во соработка со престижните европски маркетинг агенции Alphapanda и Luckytime, го објавува повикот за учесници на дводневниот хакатон за филмски маркетинг кој ќе се одржи од 4 до 6 декември во Младинскиот културен центар во Скопје.

Настанот е наменет за млади автори, продуценти, студенти и професионалци од областа на филмот, комуникациите и маркетингот, како и за сите љубители на визуелни приказни кои сакаат да научат како се создава ефективна и препознатлива промотивна кампања.

Во текот на првиот ден, на 5 декември, учесниците ќе работат во групи, развивајќи вистински стратегии за филмски маркетинг, под внимателно водство и насоки од меѓународните експерти. Работата ќе биде проследена со презентации и конструктивни коментари што ќе им помогнат на учесниците да размислуваат како професионалци во индустријата. Денот ќе заврши со проекција на филм од програмата на „Синедејс“, избран специјално од страна на експертите.

Вториот ден, на 6 декември, ќе биде посветен на продлабочување на знаењата: како се оформува приказната за еден филм за да допре до вистинската публика, што ја прави една кампања незаборавна, и на кој начин се создава содржина што ќе се споделува, клика и памети. Под менторство на водечките европски агенции Luckytime и Alphapanda, учесниците ќе работат на реални примери, ќе изведуваат практични вежби и ќе развиваат тимски стратегии. Денот ќе биде заокружен со презентации, анализа и детален feedback.

Секој ден од хакатонот ќе трае околу шест часа, со предвидени паузи и многу простор за креативност.

Пријавувањето е со пополнување на апликација која е достапна на профилите на фестивалот на социјалните мрежи.

Крајниот рок за пријавување е 21 ноември 2025 година. Бројот на учесници е ограничен, а избраните кандидати ќе добијат известување по е-пошта најдоцна до 25 ноември.

Агенцијата Alphapanda, со седиште во Берлин и тимови во Варшава, Лозана и Милано, веќе повеќе од една деценија е меѓу водечките имиња во европскиот филмски маркетинг. Нивното портфолио опфаќа соработка со компании како Warner Bros., 20th Century Fox, BFI, NEON, Curzon, European Film Awards и многу други. Од друга страна, париската агенција Luckytime се истакнува со својата специјализација во дигиталниот маркетинг за кино и аудиовизуелната индустрија, со клиенти меѓу кои се CNC, AFCAE, StudioCanal, MK2, Pyramide и Jour2Fête.

Хакатонот е организиран со финансиска поддршка од програмата „European film festival support“ на Европската унија, под имплементација на Cineuropa.org, Institut français и Goethe-Institut. Целта на програмата е да го поддржи развојот и да го подобри квалитетот на европските филмски фестивали што се организираат во различни земји ширум светот.

Фестивалот на европски филм „Синедејс“ по 24. пат ќе се одржи во МКЦ, во периодот од 3 до 10 декември 2025.

Текстот Повик за учесници на дводневен хакатон за филмски маркетинг на „Синедејс“ 2025 е превземен од МАКФАКС.