Речиси 40 отсто од случаите на рак во светот во 2022 година биле поврзани со причини кои можеле да се спречат, според глобална анализа објавена во вторникот во списанието Nature Medicine.
Анализата е објавена во пресрет на Меѓународниот ден за борба против ракот, кој се одбележува на 4 февруари.
Истражувањето го водела Изабел Сориоматарам од Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) во Лион, а утврдено е дека тутунот, алкохолот и инфекциите биле најчестите ризик-фактори.
„Околу 30 отсто од карциномите кај жените и 45 отсто кај мажите можеле да се избегнат“, покажува анализата.
Вкупно, од 18,7 милиони нови случаи на рак регистрирани на глобално ниво во 2022 година, околу седум милиони биле потенцијално спречливи, што претставува приближно 38 отсто од вкупниот број.
Истражувачите користеле глобални податоци за да ги поврзат новите случаи на рак со фактори на ризик за кои постои докажана причинско-последична поврзаност со болеста. Истражувањето ги вклучувало и однесувачките ризици како пушење, како и изложеност на еколошки и професионални ризици.
Во субсахарска Африка, 38 отсто од случаите на рак кај жените биле потенцијално спречливи, во споредба со околу 25 отсто во северна Африка и западна Азија. Во тие региони, инфекциите биле водечки спречливи причини.
Во Европа, САД, Канада и Австралија, тутунот бил најдоминантен ризик-фактор.
Коавторот на истражувањето, Андре Илбави од Светската здравствена организација (СЗО), изјавил дека овие наоди даваат прв глобален увид во уделот на случаите на рак кои може да се припишат на ризици што можат да се спречат. Тој истакнал дека разбирањето на регионалните модели може да им помогне на владите и на поединците да преземат насочени мерки за намалување на ризикот од рак.
Изабел Сориоматарам додала дека справувањето со причините кои можат да се спречат е еден од најефикасните начини за ограничување на растечкиот глобален товар од рак, за кој, според податоците на СЗО, се предвидува дека би можел да порасне за 50% до 2040 година, ако сегашните трендови продолжат.
Текстот Повеќе од една третина од случаите на рак во светот можеле да се спречат, покажува нова анализа е превземен од МАКФАКС.























