Проектот „МојДДВ“ како еден од најуспешните, го оправда своето постоење. За нешто повеќе четири години од спроведувањето на оваа мерка, преку „МојДДВ“ на сметките на граѓаните се слеале повеќе од 130 милиони евра.
Тоа се сериозни пари кои се директно исплатени на сметките на граѓаните и позитивно влијае врз семејните буџети кај повеќе од 540.000 корисници на оваа мерка.
Освен дополнителниот приход за корисниците, оваа мерка има и позитивен ефект во намалувањето на сивата економија. Се повеќе граѓани бараат фискални сметки од бизнисите. Евидентиран е зголемен број на пријави од страна на граѓаните за неиздавање на фискални сметки. Во изминативе четири години, од почетокот на „МојДДВ“ биле поднесени повеќе од 5.600 претставки за неиздадени фискални сметки, што упатува на јакнење на свеста за значењето на даноците.
Колку пари се вратени назад кај граѓаните
Лани, на одбележувањето на четиригодишнината од стартот на проектот, директорката на УЈП кажа дека за тој временски период преку мерката кон граѓаните се вратени 6,6 милијарди денари или 107,5 милиони евра.
Дополнително, третиот квартал од 2023 година се исплатени 690 милиони денари или 11,2 милиони евра, а ако се претпостави дека во тој ранг би била исплатата (која се реализираше деновиве) за последните три месеци од 2023 година, тогаш лесно се стигнува до податокот дека за четири и пол години државата преку оваа мерка на граѓаните им вратила над 130 милиони евра, што значи дека само за исплата на овој проект, годишно од Буџетот се одвојуваат над 28 милиони евра.
Во семејство со двајца корисници – плус 16.800 денари годишно во семејниот буџет
Од јануари 2023 година се зголеми прагот на враќање на дел ДДВ-то изразено во фискалните сметки, од 1.800 денари за едно тромесечје, на 2.100 денари, односно 8.400 денари годишно по корисник.
Граѓаните кои скенираат фискални сметки во едно тромесечје сега може да остварат максимален износ од 2.100 денари по корисник. За цела една година тоа се 8.400 денари по корисник.
Доколку во едно семејство има двајца корисници на оваа мерка, тоа се 16.800 денари во семејниот буџет во текот на една година.
Според последните информации, апликацијата Мој ДДВ ја користат преку 540.000 граѓани или над една четвртина од вкупното население во држвата.
Превземено од Центар.мк