Повеќе од 20 светски лидери на држави, влади и меѓународни организации ја поддржаа идејата за меѓународен договор за борба против пандемиите во иднина. Тоа го објави германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Поддржувачи на иницијативата се францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Борис Џонсон, германската канцеларка Ангела Меркел и генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Адан Гебрејесус. Државите изразија уверување дека земјите мора да работат заедно за „рано да се подготват и да се борат против пандемиите“.

Во заедничкото писмо тие велат: „По уништувањето од двете светски војни, политичките лидери се собраа да го креираат мултилатералниот систем. Целите беа јасни: зближување на земјите, растерување на искушенијата на изолационизмот и национализмот и решавање на предизвиците што можеа да се постигнат само заедно во духот на солидарноста и соработката, а тоа се мирот, просперитетот, здравјето и безбедноста “.

Договорот за пандемијата „треба да доведе до поголема меѓусебна отчетност и споделена одговорност, транспарентност и соработка во рамките на меѓународниот систем и со неговите правила и норми“, нагласуваат лидерите.

„Оваа нова колективна обврска ќе биде важен камен-темелник во справувањето со пандемиите на највисоко политичко ниво“, нагласува ФАЦ.

Договорот ќе вклучува зајакнување на меѓународната соработка за подобрување на квалитетот на размена на податоци, истражување, системи за предупредување и создавање и ширење мерки во областа на медицината и јавното здравство.
Повикот е поддржан од 24 светски лидери и ќе се објави и во Телеграф и во Ле Монд.