Потрагата по научникот Хуанг Јанлинг, за која некои веруваат дека е нулти пациент на коронавирусот, трае цела година. Хуанг исчезнала од социјалните мрежи и за неа нема вести откако е идентификувана како нулти пациент, а нејзината биографија и историјата на истражувањата се избришани од веб страницата на институтот.
Хуанг Јанлинг работела на Институтот за вирусологија во Вухан, а како нулти пациент е означена во онлајн-извештаите кои се делеа во Кина во првите недели на избивање на болеста, во февруари минатата година.
Наводно откритието создало директна врска меѓу пандемијата и лабораторијата за која се сомнева дека случајно го ослободила вирусот вршејќи експерименти на коронавирус кај лилјаци.
Во извештаите не се наведува кога Хуанг се заразила со вирусот и дали преживеала. Меѓутоа, извештаите го поддржуваат ставот на американскиот Стејт департмент дека таа била прва од неколку истражувачи на контроверзниот институт кои се разболеле од ковид-19 есента 2019 година, пред постоењето на новиот сој на коронавирусот официјално да биде потврден.
Кинеската влада и официјалните лица на лабораторијата брзо успеале да ги демантираат извештаите и да ги тргнат од интернет, тврдејќи дека Хуанг е безбедна и здрава некаде во Кина.
Потоа се појавила наводна порака на Хуанг на апликацијата „WeChat“ која е кинески еквивалент на „WhatsApp“, во која таа на колегите и на професорите од институтот им порачала дека е жива и инсистирала на тоа дека извештаите се лажни.
„Ако забележите каков било мејл во врска со гласините за ковид, кажете дека тоа не е вистина“, пишувало во пораката.
Се огласил и нејзиниот поранешен шеф Веи Хонг Пинг, кој тврдел дека таа го напуштила институтот во 2015 година и дека му се јавила по телефон за да ги демантира извештаите.
Еден ден подоцна кинеската новинска агенција изнела тврдење дека разговарала со нејзиниот нов работодавец, не наведувајќи детали.
Скоро една година подоцна единствена трага за неа е матна фотографија од нејзиното лице која е спасена од веб страницата на институтпот и која кружи на интернет.
Како што пишува Дејли мејл, потрагата е осуетена поради прикривање од страна на кинеската држава, која покрај западните разузнавачки сили исто така е во потрага по Хуанг и по деталите за нејзината борба со ковид-19.