Пишува: Владимир Перев
Катаклизмични се сцените пред полициската станица “Пролет“ во Скопје, како и во пунктот на МВР во зградата на МРТВ. Од млади до стари, болни, здрави, изнемоштени, мажи и жени, наредени во колона, чекаат да им дојде редот да се фотографираат за новите документи, каде ќе бидат овековечени со името “Северна“. “Никогаш Северна“ можеше да се чуе до скоро, ама политичката реалност и наталожената историја, си го направија своето. Сега се чека за “северни“ документи во ситуација која наликува на филмовите како “Хавана“ (Сидни Полак 1990) или “Шангај“ (Микаел Хафстром 2010), или на сцените на заминувањето на американските војници од Сајгон кон крајот на април 1975 година…борба да се минат препреките од униформирани лица и да се стигне до спасот кој овозможува излез од земјата или неказнет идентитет во земјата, без разлика на тоа што се тврди дека сепак, во Македонија документите ќе важат се до истекнување на рокот посочен во нив. Ама, никој не верува во изјавите, власта одамна ја изгубила довербата кај народот.
Како ѝ да им се верува! Веќе подолг период, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во својот познат беневолентен тон, дава изјави од типот дека “ние работиме, ќе има нови пунктови, нема проблем, сѐ ќе биде решено“. Од сето тоа нема ништо. Веројатно за да не ги гледа редиците пред своите институции, Спасовски заминува на една непотребна визита во САД и од таму, пак во својот познат тон, пред “Радио Гласот на Америка“, ги дава истите изјави. Тоа е како ништо и да не кажал. Овде никој не го слуша тој медиум, тоа Радио на македонски јазик, не е ни сенка на оној “Voice of America” со кој што растеше мојата генерација.
Цели пет години власта имаше време да изврши промена на документите по најбезболниот начин, ама македонскиот инает и проклетството на вербата во неверојатното-дека нешто ќе се случи и Договорот од Преспа ќе биде променет, заменет, подобрен или просто заборавен, ја држеше власта окована во сопствените заблуди. Вербата во неверојатните пресврти, желбата да се остане на власт по секоја цена, подигрувањето со чувствата на народот и неговото залажување во “променливоста“ на позициите на Европа и Грција по однос на Македонија, доведоа до катаклизма чии последици ќе ги чувствуваме уште долго.
Ништо не е подобра ниту ситуацијата во оној другиот, опозициониот табор. Од ДПМНЕ се продуцираат размисли и изјави дека “кога ќе дојдеме на власт, ќе го ревидираме Договорот со Грција, а ќе го подобриме или укинеме Договорот со Бугарија“. Немало да прифатат “бугарски диктат“. Тоа папагалско повторување на евидентна невистина е класичен говор на омраза и тоа нема да му го простат ниту Бугарија ниту Европската унија, кон која неизбежно одиме. За решавање на актуелниот проблем со валидноста на документите за идентификација, ДПМНЕ ќе даделе претставка до Уставниот суд. Нужно било, Судот со закон да ја продолжи валидноста на документите, поточно да го укине законот со кој се ограничува важноста на документите заклучно со 12 февруари оваа година.
Претседателот Пендаровски е приказна за себе. Ќе се јавел на грчкото раководство за да се одложи примената на датумот 12 февруари, а министерот Бујар Османи дури и ја покани грчката амбасадорка на разговор, веројатно да ја објасни оваа претседателска идеја или да ја дополни со некој свој бисер. Јасно е дека секој со неважечки пасош по 12 февруари ќе може да се врати во земјата, тоа никој не може да му го забрани или да го казни, ама прашањето е како ќе се врати. Ако на пример лета од Америка за Македонија, може да се врати директно во Скопје или Охрид, на нашите аеродроми. Но такви летови нема, па треба да мине низ Франкфурт или некаде другаде…како ќе влезе во земја од Европска унија, каде пасошите се веќе блокирани по важност…не важат ако нема “северна“.
Знае ли некој што се случува со оваа земја, со нас…има ли пилот во авионот? Срамно е луѓе со образование и звање на универзитетски професори, да говорат нешта од кои и осмооделенците се срамат и не им веруваат. Срамно е да се говорат вакви глупости, срамно за нив, срамно за нас, а најсрамно за угледот на Македонија.
На ова раководство и на оваа опозиција треба најотворено да им се каже, дека сите врати за некакви нивни манипулации во иднина се целосно затворени. Тоа им го кажа и евроамбасадорот Гир, ама некој сеуште ја подгрева идејата, дека “не е сѐ загубено“ и дека ќе дојде некоја сила тоа да го промени.
Никој ништо не може да промени, Никој за ништо веќе не ги прашува ни Грција, ниту пак Бугарија. Договорот од Преспа е договор на Европската Унија и само таа може да решава за тоа, сите земји членки. Договорот за добрососедство со Бугарија и Протоколите во него се преточени во ткн. Француски предлог, кој станува позиција на Европската Унија и со тоа работата е завршена. Сега Македонија преговара со Унијата, а Грција и Бугарија се само посматрачи, со глас валиден колку и гласот на секоја друга членка.
Затоа така љубезно се смешкаше амбасадорката на Грција на средбата со Османи. Де факто, таа ни се потсмеваше, презентирајќи ја и нејзината немоќ да реши нешто, и нашата немоќ да промениме нешто. Се потсмеваше и на идеите на Пендаровски, подршката на Ковачевски на овие идеи и разговорот со Бујар Османи. Сигурно е дека не верувала ниту во она што го слуша од Бујар, ниту во она што му го рекла самата таа…така одат разговорите во дипломатијата.
Министерот Оливер Спасовски треба што по брзо да ја заборави својата американска авантура и да се фати за работа. Да се организира прием на луѓето, телефонска или СМС координација меѓу власта и барателите на услуги кои оваа власт е должна да им ги пружи и да се овозможи брз прием на документите кои веќе се готови. Тоа е негова должност, но должност и на оваа заспана влада. ДПМНЕ може да се бори за својата победа на изборите, победа која веќе е на повидок, но со манипулациите на јавноста и лажната надеж за “подобрата иднина со ДПМНЕ“, само ја наследува старата педесетгодишна лажливост на комунистите од КПМ/СКМ.
Сепак, клучот на успехот и одговорноста од неуспехот е во рацете на министерот Спасовски. Никој нема да му помогне во неговите претседателски амбиции, најмалку американската политика, туку само успехот во реализацијата на овој и другите предизвици во неговото длабоко политизирано и преполно со афери министерство.
На него е останато да го “верифицира“ нашиот несакан и непосакуван, но прифатен државен идентитет. Таму тој треба да се покаже!