Основната јавна обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска денеска оствари работна средба со својот албански колега главен специјален обвинител во Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал Арбен Краја, на која бил потпишан и Меморандум за разбирање помеѓу обвинителствата со кои раководат.
Русковска и Краја, како што информираат од ОЈО, на средбата имале плодна дискусија во врска со подобрување и унапредување на билатералната соработка во борба против организираниот криминал и корупцијата, а водени од принципите на еднаквост, меѓусебно разбирање и заемни интереси.
– Со Меморандумот обвинителствата се обврзаа во рамките на своите надлежности и согласно европското законодавство и законодавствата на Р.С.Македонија и Р.Албанија да ги зајакнат меѓуинституционалните односи во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Воедно, обвинителите се договорија да соработуваат преку размена на информации и документи поврзани со нивниот делокруг на работа, советување за општи правни прашања поврзани со заемната правна помош и меѓусебни посети со цел подобрување на знаењето и зајакнување на вештините на јавните обвинители од двете обвинителства, се вели во соопштението од ОЈО.