Собранието на Република Северна Македонија,  Фондацијата за демократија на Вестминстер и Министерството за надворешни работи и развој на Британскиот Комонвелт, денеска потпишаа Меморандум за разбирање со кој ќе се спроведе проектот „Практикувај демократија“, финансиран од Британската амбасада во Скопје, а ќе трае најмалку до 31 март 2025 година.

Меморандумот за разбирање, соопштија од собраниската прес-служба, го потпишале генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, регионалниот директор за Европа и централна Азија на Фондацијата за демократија на Вестминстер, Кристофер Стуарт Левик и директорот на Програми во Британската амбасада во Скопје, Ендру Бранд.

Според генералната секретарка Иванова, со потпишување на меморандумот ќе продолжи долготрајната и успешна соработка со Вестминстер фондацијата, чиј особено значаен резултат е формирањето на Буџетската канцеларија во Собранието, а истовремено продолжува соработката со Младинскиот клуб, како и во делот на волонтерската програма.

Претставниците на Британската амбасада и на Фондацијата за демократија на Вестминстер, сметаат дека соработката и партнерството со Собранието на Република Северна Македонија резултира со тоа што проектите што се реализираат станаа пример што се заинтересирани да го следат и други парламенти во регионот.

– Целта на проектот е да се обезбеди поддршка на Собранието во зајакнување на Програмата за волонтерска работа за млади, со цел градење капацитети за нов потенцијален кадар за институцијата. Исто така се обезбедува и поддршка за работата на неформалните тела (Клубот за младински прашања и младински политики) и собраниските комисии (Комисијата за финансирање и буџет), како и други тела и комисии согласно утврдените заеднички потреби, се наведува во соопштението од собраниската прес-служба.