Северна Македонија и Франција потпишаа Договор кој се однесува на филмската копродукција помеѓу двете земји, во кој надлежни институции се Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и францускиот Националниот центар за кинематографија и анимирани слики.
– Во рамките на една посета на Париз што се одржа на 23 февруари 2021, двајцата министри за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан и Бујар Османи потпишаа Договор за копродукција во областа на филмот. Посакуван од страна на Македонската агенција за филм, овој Договор претставува пред сè признание на македонската кинематографија која е во полна обнова, а ја имаме денес таа среќа со нас да бидат двајца нејзини најголеми претставници, соопштија од Агенцијата за филм.
Предностите на овој Договор, како што информираат од Агенцијата за филм, се дека една идна француско-македонска копродукција ќе може да побара поддршка во Франција исто како да е француски филм.
– Како што знаете, Франција го има еден од најуспешните системи за поддршка на филмот. Дали е тоа случајност? Франција е земја во којашто се снимаат најмногу филмови во Европа, со повеќе од 200 реализации годишно. Постои веќе француско-македонска соработка во областа на филмот. Сметам дека со овој договор, условите се обединети за оваа соработка да се интензивира уште повеќе, а врз основа на овој Договор, да изградиме повеќе надеж за младите и блискост за граѓаните од нашите две земји. И моја желба е да овој договор биде што побргу инкубатор за едно идно француско-македонски ремек-дело!, изјави Амбасадорот на Франција во земјава, Сирил Бомгартнер.
Според директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, овој билатерален Договор помеѓу македонската и француската Влада за филмска копродукција е важен како да потпишете размена на играчи помеѓу македонската и бразилската фудбалска репрезентација.
– Франција е земја со најдолга и најбогата филмска историја и има огромна важност во европската и светска кинематографија. Македонскиот нов филмски бран кој доживува успеси, со овој Договор ќе може да ги прошири хоризонтите уште повеќе, и да се отвори можност да се создаваат нови квалитетни филмски дела под услови поволни за двете страни, изјави Лазаревски.
Во Франција годишно се снимат најмногу филмови во Европа, со повеќе од 200 реализации годишно.