Северна Македонија и Португалија ќе ја интенизивираат соработката во областа на одбраната во делот на безбедносната политика, сајбер безбедноста, мировните операции, ќе реализираат заеднички обуки. Договор за билатерална соработка во одбраната потпишаа денеска во Скопје министерката за одбрана Славјанка Петровска и нејзината португалска колешка Марија Хелена Кареирас, која е во прва официјална посета на земјава.

-Денеска е важен ден за нашите министерства и за нашата соработка, бидејќи прв пат потпишавме Договор за билатерална соработка во одбраната помеѓу сојузничките Северна Македонија и Португалија, и со тоа покажавме дека НАТО значи и посилна одбранбена соработка, затоа што имаме заедничка, единствена цел, изјави министерката Петровска, по потпишувањето на договорот.

Петровска додаде дека за заедничко добро и развој на двете вооружени сили, ќе се посветат на интензивна соработка и консултации во доменот на безбедносната политика, мировните операции, заедничката обука и едукација, а ќе се работи и на заштитата на животната средина во контекст на армиските активности.

-Драго ми е што во еден дел од овој Договор е и развојот на соработката во доменот на родовите прашања. Како жени лидери во одбраната ја разбираме потребата за целосно вклучување на жените во областа на безбедноста – но, не како бројка, туку како можност за додадена вредност и квалитет во актуелната безбедносна архитектура, рече Петровска.

Таа нагласи дека соработката ќе биде прошириме и во доменот на сајбер-безбедноста која, како што рече, е исклучително важен сегмент за стабилност на секој современ безбедносен систем. Бруталната руска агресија врз Украина, дополни таа, покажа дека денешните конфликти се покомплексни од кога било.

-На терен се води конвенционална војна која секојдневно ја осудуваме, додека и Украина и сите ние се соочуваме со постојани обиди за нарушување на нашите општества кои се од хибриден карактер. НАТО и нашите сојузници се единствени и одлучни да ја заштитат Алијансата од секаков вид на закани, вклучувајќи ги и заканите во сајбер-просторот и сосема природно е да соработуваме и во таа област, додаде министерката.

Министерката Кареирас, пак, посочи дека како партнери во Алијансата, цврсто верува оти заедничките цели во безбедноста и одбраната можат да се постигнат само преку зајакнување на сојузите. Таа идеја, како што посочи, денеска беше реафирмирана со потпишувањето на Договорот за одбранбена соработка меѓу двете земји.

-Овој договор ќе послужи како камен-темелник за развојот на нашите односи. Би сакала да истакнам некои области на соработка што имаме намера да ги развиеме, како што споменавте, вклучувајќи редовни политичко-стратешки консултации, ангажмани за одржување на мирот, воена обука и вежби, соработка во областа на Заедничката безбедносна и одбранбена политика, сајбер безбедноста, одбранбените индустрии, агендата за жените, мирот и безбедноста, како дел од областите на кои што можеме да работиме во иднина, изјави Хелена Кареирас.

Таа ја истакна значајната улога што Португалија ја придава на идното пристапување на земјава во Европската Унија, што ќе го зајакне европскиот проект и ќе придонесе за стабилноста на балканскиот регион, а во меѓувреме ја сподели и посветеноста на Португалија за поддршка на новиот пат на Африка кон постигнување мир и безбедност, имајќи ја предвид улогата на Португалија како мост што ја поврзува Африка со Европа.

Додаде дека заедничките вредности во Алијансата, исто така, придонесуваат за заедничка поддршка на Украина, бранејќи го зачувувањето на единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата и изрази благодарност за учеството на нашата држава во мисиите како КФОР и во мултинационалните борбени групи на источното крило, преку учество и на Португалија и на земјава во Активностите за зголемена будност на НАТО во Романија.