Германската компанија за производство на литиум-јонски батерии „БМЗ“ ќе инвестира 65 милиони евра во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 2 и ќе отвори 775 нови работни места.
Договорот за инвестицијата денеска во Франкфурт го потпишаа извршниот директор и основач на „БМЗ” Свен Бауер и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ДТИРЗ) Јован Деспотовски, во присуство на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и Јелица Ивановска, генерален менаџер на БМЗ Македонија.
Вицепремиерот Битиќи, по потпишувањето рече дека стабилното и предвидливо деловно опкружување кое влева доверба, низата на конкурентни мерки за поддршка на нови инвестиции, дале конкретен резултат, БМЗ по само неколку месечни разговори со претставници на државата да донесе одлука за реализација на инвестицијата и изградба на фабрика во ТИРЗ Скопје 2.
-Радува фактот дека инвестицијата ќе се реализира од високо технолошки напредна компанија, која својот раст и развој го проектира врз основа на истражување и развој, на напредно знаење, што значи дека во нашето стопанство ќе донесе иновативни технологии, практики на управување и експертиза, кои воедно може да се пренесат и на домашните компании во Северна Македонија, изјави Битиќи.
Со новата фабрика во нашата земја, посочи вицепремиерот, БМЗ ќе се приклучи на големото семејство од над 200 германски компании во Северна Македонија кои обезбедуваат редовни плати за над 20 000 наши граѓани.
-Директните бенефиции од оваа инвестиција, која е проектирано да достигне до 65 милиони евра, ќе изразат и во креирањето на нови 755 работни места, кои ќе бидат достапни за нашите граѓани, кои воедно создаваат и реални можности за развој и унапредување на нивните знаења, вештини и компетиции. Со проектирањето на годишен извоз од над 360 милиони евра, во нашата економија влегува компанија која ќе има позитивно влијание на трговскиот биланс, но и директно ќе учествува во градењето на долгорочни, технолошки напредни и одржливи основи на економскиот раст и развој на земјата, наведе Битиќи.
Во новиот капацитет, БМЗ ДООЕЛ Скопје, ќе се врши сериско производство на батериски производи.
Вкупната инвестиција ќе се реализира во период од 10 години. Изградбата на фабриката е планирано да започне кон крајот на годинава и да заврши најдоцна за 24 месеци.
За потребите на инвестицискиот проект ќе се работи во најсовремена фабрика во ТИРЗ Скопје 2, организирана во три модули за производство и администрација со вкупна површина од 12.000 метри квадратни плус логистички центар.
-Денеска потпишавме договор за нова инвестиција од германската компанија БМЗ од близу 65 милиони евра. Со овој Договор во изминативе 2,5 години стигнуваме до бројка на постигнати договори за инвестиции од 950 милиони евра, што е доста респектабилна имајќи предвид дека фактички се удвојува нивото на инвестиции што го имавме во претходната декада. Она што е посебно важно е тоа што со оваа инвестиција и со целиот сет на нови договори веќе се креираат нови работни места, чија вкупна бројка ќе достигне 12.500, изјави Деспотовски.
Како придобивка го истакна и надоместот што ќе се исплаќа на вработените, посочувајќи дека просечната бруто плата се очекува да достигне до 1200 евра месечно.
БМЗ, укажа тој, станува прва компанија која формално во својот деловен план се обврза да обезбеди поддршка за програмите кои ги развиваат Дирекцијата за ТИРЗ и Владата и веќе ги пилотираат во изминатите неколку месеци во делот на развој на вештините на младите и поддршка на таленти. – Се надевам дека примерот на БМЗ ќе го следат и останатите, рече Деспотовски.
Како што рече во изјава за МИА Бауер, долго време низ цела Европа барале добра позиција за реализација на инвестицијата и оти не се компанија која бара краткорочен пазар.
-Напротив, бараме место каде што ќе останеме долго време. Првично, ќе почнеме со батерии што се користат најмногу во градинарството, косилки, помали алати на батерии, различни типови на бор-машини. Вториот чекор се поголем тип на батерии за електрични велосипеди, а следниот голем чекор што го планираме се системи каде ќе се чува создадена енергија преку соларни панели и преку домаќинствата, изјави Бауер.
Тој посочи дека ангажманот на работната сила ќе биде и преку соработка со факултетите и оти уште во тек на студиите ќе го претставуваат светот на производство на батерии што се користат во електрични уреди, со цел да ги привлечат студентите да се одлучат за тие студиски насоки.
-Исто така, и вработените што ќе бидат во Македонија сакаме да ги донесеме тука во нашиот тренинг центар каде првично ќе им понудиме специјализирана тренинг обука за производството што ќе се прави таму и потоа да бидат подготвени за стартот, рече Бауер.
Јелица Ивановска, генерален менаџер на БМЗ Скопје, информираше дека дел од тимот што ќе биде анагажиран во капацитетот во Скопје е веќе на обуки во Германија и Полска.
-Ова е процес што не траеше долго, но беше интензивен. Имавме одлична насока особено од ТИРЗ. Особено сум горда што компанијата БМЗ во својата политика работи со локален тим од кој дел е веќе на обука во Германија и во Полска. Сега, откако заврши административниот дел, останува да го лансираме производството, рече Ивановска.
Групацијата БМЗ е лидер во обезбедување цел животен циклус на литиум-јонски батериски системи со примена во различни индустрии. Седиштето на BMZ Holding GmbH е во Карлштајн на Мајна. Производствените капацитети на групацијата се лоцирани во Германија, Кина, Полска и САД, а има отворено претставништва за продажба во Јапонија, Велика Британија и Франција.
Во 2022 година во БМЗ, со 20 проценти удел влегува Сузане Клатен, ќерка на сопствениците на БМВ, каде таа има 12,5 проценти акции. Клатен се смета за најбогата жена во Германија и е меѓу 50 најбогати во светот.
Компанијата БМЗ реализира повеќе од 100 проекти годишно. Приходите на групацијата БМЗ во 2021 година изнесуваат 411 милиони евра, а планираните приходи од склучени договори за следните 2 години се проценети во вредност од повеќе од 500 милиони евра. Во моментов компанијата има повеќе од 2000 клиенти со кој соработува и има контиуниран пораст на пазарниот удел секоја година.