Член на Европската агенција на лекови (ЕМА) за италијанскиот весник „Ил Месенџеро“ потврди дека постои поврзаност меѓу вакцината на „АстраЗенека“ и случаите со згрутчување на крвта, но Европската Комисија чека повеќе детали, јави дописничката на МИА од Брисел.
Марко Кавалери, шеф на вакцинацијата во Европската агенција за лекови, изјави за весникот дека е утврдена поврзаност со вакцината на „АстраЗенека,“ но дека сѐ уште не е јасно на што се должи таа поврзаност и како се случува. Агенцијата продолжува да истражува, изјави тој.
На редовниот брифинг на Европската Комисија попладнево, портпаролот за здравство, Стефан Де Керсмакер, изјави дека е запознаен со интервјуто на Кавалери.
Оваа поврзаност е во тек на истражување од страна на Европската агенција на лекови, минатата недела имаше соопштение, оваа недела ќе се одржи комитет и агенцијата продолжува да го анализира прашањето и чекаме да се произнесат за евентуалната поврзаност – изјави портпаролот.
Европската Комисија ја охрабрува ЕМА да биде достапна и транспарентна пред медиумите и граѓаните.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.