Постои можност во Русија да е откриена нова мутација на корона вирусот која би можела да се нарече „руска“, по аналогија на „британската“ варијанта.

Заедничкото истражување на случајот на 47-годишната пациентка го објавија научници од Сколковскиот институт за наука и технологија, Институтот за проблеми на пренос на информации „Харкевичˮ на РАН, Првиот државен медицински универзитет „Павловˮ и Научноистражувачкиот институт за грип „Смородинцевˮ.

Жената која е предмет на истражувањата се заразила со корона вирус во април, додека била на хемотерапија поради малиген тумор (со дијагноза на Нехоџкинов лимфом од IV стадиум).

Тестирањето повторено повеќе пати покажало дека вирусот се наоѓал во организмот на пациентката со нарушен имунитет четири месеци и дека за тоа време имал 18 нови мутации.

Како што истакнуваат научниците, две мутации биле идентични на мутациите на вирусот претходно пронајдени кај европските визони во Данска. Дел од мутациите се поклопувал со мутациите на „британската“ варијанта на корона вирусот.

Како што за весникот „Известија“ објаснува професорот од катедрата за геномика и биоинформатика на Сибирскиот федерален универзитет и професор на Гетингенскиот универзитет (Германија) Константин Крутовски, претходно се претпоставувало дека „британската“ мутација исто така се појавил во организмот на лице со ослабен имунитет, но руското истражување покажало дека големиот број мутации е последица од долготрајниот престој на вирусот во еден организам. Притоа, Крутовски предупредува дека е прерано да се извлекуваат какви било заклучоци за „руска“ варијанта на вирусот, затоа што е опишан само еден случај.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.