Постојаниот претставник на Република Бугарија во ЕУ, амбасадорот Румен Александров, денеска разговараше со претставници на организации на граѓани со бугарска самосвест од Република Северна Македонија, кои се во Брисел на покана на европратеникот Андреј Ковачев, јавува Бугарската национална телевизија, пренесува Трибуна.

„Бугарија постојано го поставува прашањето за гарантирање на правата на Бугарите во земјата кандидат како дел од преговарачкиот процес за членство на Република Северна Македонија во ЕУ. Ние постојано ги информираме европските партнери и институциите на ЕУ за проблемите со кои се соочуваат Бугарите во Северна Македонија, за бројните случаи на дискриминација и заплашувања. Ова е системски проблем, а не изолирани случаи на насилство или говор на омраза и тоа мора да го препознаат нашите партнери и меѓународните организации за човекови права“, рече амбасадорот Александров.

Тој нагласи дека задолжителен услов за официјален почеток на преговорите со Скопје за членство во ЕУ е усвојување на измените во Уставот на земјата и вклучувањето на Бугарите меѓу националностите во Северна Македонија.

Од своја страна, Петар Колев, Георги Трендафилов и Љубчо Георгиевски, го информираа амбасадорот Александров за главните проблеми и предизвици со кои се соочуваат Бугарите во Република Северна Македонија и ги споделија своите впечатоци од средбите одржани во Брисел со претставници на институциите на ЕУ и со комесарот за соседство и политика за проширување Оливер Вархеји.