Во областа на патната инфраструктура, од особена важност за унапредување на безбедноста во сообраќајот е редовното одржување и обележување на локалните улици и патишта, со што се обезбедува поголема видливост и уредност на вертикалната и хоризонталната сообраќајна сигнализација, а со тоа се обезбедува и поголема сигурност за сите учесници во сообраќајот, особено за најранливите категории, пешаците и велосипедистите, велат од општината Илинден.
„Во рамки на Програмата за одржување на патната инфраструктура на Општина Илинден, поставена е нова хоризонтална сигнализација на неколку значајни локации низ општината. Извршено е обележување на надолжна бела линија на локалниот пат Кадино–Мралино во должина од 500 метри, на локалниот пат Кадино–излез кон автопат М3 во должина од 1000 метри, како и на локалниот пат Кадино–Миладиновци, излез кон автопат М1 во должина од 7000 метри. Дополнително, обележана е надолжна линија на локалниот пат Илинден–Ајватовци–Мршевци во вкупна должина од 6000 метри. Покрај, хоризонталната сигнализација, на неколку локации низ општината, извршено е и поставување на нова вертикална сигнализација.
Со овие активности се подобрува читливоста на коловозната сигнализација, се зголемува дисциплината во сообраќајот и се намалува ризикот од несреќи, особено на критични делници и места со зголемен интензитет на движење. Во таа насока, Општина Илинден ќе продолжи со вложувања во модернизација на патната мрежа, како и со поставување нова вертикална и хоризонтална сигнализација со цел создавање побезбедни услови за сите учесници во сообраќајот“, соопши општината Илинден.
Текстот Поставена нова хоризонтална и вертикална сигнализација низ општина Илинден е превземен од МАКФАКС.























