Постапката за именување на генерален конзул на Република Северна Македонија во странство не е во надлежност на претседателот на државата, туку е во надлежност на Министерството за надворешни работи и Владата, и истата е регулирана со Законот за надворешни работи, соопшти кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
– Постапката за именување генерален конзул ја покренува министерот за надворешни работи, кој до Владата доставува предлог за именување на генерален конзул. По прифаќање на кандидатот од страна на Владата, Министерството бара егзекватура од земјата на приемот, а по нејзиното добивање и завршените подготовки, Владата донесува одлука за именување на генерален конзул.
Патентното писмо за генералниот конзул, онаму каде што е потребно, го парафира министерот, а го потпишува претседателот на Владата, се наведува во соопштението о д кабинетот на шефот на државата.