Владимир Перев
Ние македонците сме упорен народ, упорно опстојуваме на старите, вековни навики, а во чествувањата се држиме до одамна утврдените клишеа, наследени од некое одамна заборавено минато, заборавено од сите, освен од нас самите.
И овогодишните илинденски чествувања поминаа во старата шема на поделеност, свирежи и со расплакани очи за нашите претци, кои ете, исто така биле жртви на нашите поделености. Одново се слушнаа гласовите дека “ние сме биле на вистинската страна на историјата“ и на двата Илиндени, ама ете, сеуште ја немаме среќата да сме во семејството на европските нации. Одново ги слушаме лажливите приказни за традициите на двата Илиндена и за нашата праведна борба за слобода, која сеуште не ни е извојувана, ама сепак има некој кој сака да ни ја одземе. Сеуште слушаме изјави дека имаме проблем со нашиот “идентитет и супстрат“, што и да значи тоа! Речи си и да не се виде ниту едно знаме со гордиот, “разбеснет македонски лав“, исправен на задните нози и со натписот на него “Свобода или смрт“ па макар и на нашиот, секогаш нов и подновен правопис. Но затоа ги видовме и македонците од Бугарија, со маичка и капа со сонцето од Вергина…агонијата нема крај!
Мојата генерација, оние кои останаа, сеуште се сеќаваме на вистинските стари илинденци и нивните приказни за херојската борба и саможртвите за слобода. И секогаш се сеќавам на сенките на паднатите вморовци на Мечкин Камен, на Слива, па потоа оние на Ножот и нивната саможртва. Оние кои останаа живи, заминаа на патот на слободата во Бугарија, за таму, по 1924 година да паднат во братоубиствените борби низ улиците на бугарските градови. Тоа беше новата жртва на ВМРО, на борбата против советскиот/рускиот империјализам на Балканот и сапротивата на Организацијата да се подведе под наредбите на Кремљ, Коминтерната и НКВД. Тоа беа жртви за сочувување на човечкиот, хуман лик на ВМРО. На нив барем се сеќаваме, безразлично од која идеолошка позиција ги толкуваме нивните дела.
Ликовите од “вториот Илинден 1944“ се заборавени и избледени. Ништо херојско нема останато зад нив. Само предавства, затвори и измачувања. За дел од нив не се ни знае каде им се гробовите. Тоа беа претежно “напредно“ ориентирани интелектуалци од универзитетот во Белград, или софиски воспитаници, за сите да ја поделат судбината на заборавот. Болшевизмот на едните и бугарството на вторите, сето тоа зачинето со заедничкиот им советизам и коминтерновство, ја реши нивната судбина по 1948 година. Останаа само неколкумина, верни подржници на титоизмот, југомакедонизмот и српската доминација врз Македонија и Југославија воопшто. Лажливата демократичност и прикриено русофилство, ја определија судбината на нашето општество.
Затоа, без изненадување треба да се примат свирежите на Мечкин Камен упатени кон Џафери, како и аплаузите кон Мицковски. Тоа е нашата реалност.
“Херој на денот“ беше Пендаровски на Прохор Пчински. Одново се отвори идејата за “прераното востание“, за непотребните жртви и сличните небулози од југословенските времиња. Српскиот претседател Вучиќ, во отсуство на Лазо Колишевски, ни одржа предвање за тоа како и колку србите го почитуваат и разбираат македонскиот јазик, колку не подржуваат во нашиот пат кон прогресот и воопшто, колку многу нѐ сакаат. Заборави само да каже дека навистина нѐ сакаат, онака “реш печени“, веројатно и со малку сенф, што би рекле моите прилепчани, сеќавајки се на судбината на учителот Атанас Љутвиев, жив запален од српските офицери во 1912 година, годината на “слободата“ на Прилеп и Македонија…да се знае, не е сѐ заборавено! Требаше да го поканат и Љубчо Георгиевски, па на Вучиќ да му каже за “љубовта“ на шешељевци и српската полиција на Илинден 1991 година. Затоа, ова чествување беше панахида на АСНОМ, за посакуваната слобода и нашите југоилузии. Пендаровски беше патријархот на панахидата во манастирот “Св.Прохор Пчински“!
Оваа година, празнично, бугарскиот портал “Faktor.bg“ не изненади со една опшрна студија за корупцијата, финансиска и политичка, во редовите на македонските и бугарските олигарси. Ништо ново и ништо важно, колку да се знае дека сме “ист“ народ, барем во нечесноста. Најинтерсното (барем за мене) е како тоа еден македонски олигарх и целото негово семејство, во 2005 година добиваат бугарско државјанство, како после тоа има можност за почесен конзул, за на крајот да заврши на американската црна листа. Најважното е дека државјанството целото семејство го добива за пет дена, од Божик 25 декември, до Новата година, време во кое речи си никој во Бугарија не работи. Не е важно како, кому и колку е платено, самиот однос е скандалозен!
Знаат ли бугарските власти дека шепа македонски бугари, последната одбрана на Екзархискиот двор и дворната црква Св Јован/Иван Рилски во Цариград, бугарските документи ги добиваат во редовна и често измачителна постапка. Тие се последните кои ја пазат и држат “б’лгарската реч“ во црквата, наспроти енормните апетити на васеленскиот патријарх Вартоломеј, за богослужба на грчки јазик. Тие се последниот бугарски бастион во Цариград.
Бугарите од Корча и Голо Брдо, оние кои “пеат, плачат и се веселат по бугарски“ мака мачат да добијат бугарско државјанство, а проверките се долги, мачни и финасиски истоштителни за тоа осиромашено население. Да, сакаат да заминат во “подобар свет“, но ние барем тоа можеме да им го дадеме на оние кои сме ги заборавиле стотина години…тие не нѐ заборавила нас, себе сѝ и традициите!
Во селото Иваново во Банат живеат неколку стотини бугари. Прекрасно село, богато и со богата меѓуетничка толеранција. Постапката за бугарско државјанство трае околу четири години, нешто кое е вон логиката на луѓето таму. Нивните комшии и пријатели, унгарци, чеси, румуни, словаци, германци и други, документите од матичната држава ги добиваат за два-три месеци, по едноставна постапка. Павликијанците-бугарите во Иваново се зачудени од индолентниот став на бугарските институции кон нивните барања, нешто кое е навреда за нив и девалвација на бугарската држава во очите на нивните соседи и пријатели! Потоа сите се прашуваме зошто србите се држат надмено кон нас и ги говорат глупостите низ устата на еден Дачиќ.
Секогаш имало и ќе има олигарси и пасоши за нив. Парите ги даваат сите привилегии, освен мирен сон…а за мирниот сон, ниедна држава не е надлежна. Таа е надлежна за своите, за својата дијаспора и правата за нив. Може би некои и лажат за своите “бугарски чувства“ и традиции, посебно некои меѓу нас, македонските бугари, вклучувајќи ги и оние од Мала Преспа. Ако, нека лажат, па и олигарсите лажат. Треба да им се дадат пасоши на сите кои имаат елементарни документи и волја за припадност кон бугарското племе. Тоа е должноста на оние кои останаа во државата и обврска кон оне кои злата коб ги остави вон границите на матичната земја. Па и нивните и нашите претци се бореле под знамињата на Бугарија за својата слобода.
Бугарската политика не можеше да донесе слобода за сите нас, без оглед на жртвите кои ги даде Комитетот и бугарската армија. Тоа треба да се почитува. Во ова време, за Македонија, Голо брдо и Иваново, слободата е бугарскиот пасош!
Ако може за “орцевци“, може и за сите други!
Нека ни е честит Илинден, слава на хероите и нивните жртви! Борбата за слобода е бесконечна!