Владимир Перев
Почетокот на септември беше одбележан со “културната дипломатија“-Форум на бившиот претседател на Македонија Ѓорѓе Иванов, на кој присуствуваа бивши претседатели и премиери на Хрватска, Србија, Бугарија, Албанија, Молдова, па дури и на Либан. Форумот беше посветен на вредностите на современото општество, патот кон Европската заедница и пред сѐ, почита кон демократијата и неопходноста од принципите на културниот дијалог. Бугарија беше застапена од председателот Петар Стојанов (1997-2002 година).
Блескава и харизматична персона е Петар Стојанов. Ја надминал седумдесетата година, во добро здравје, витален и секогаш добро расположен, тој е еден од најпријатните соговорници кои сум ги сретнал. Неговата вечна широка насмевка на големото забало, топлите очи и разумниот глас, се реткост во денешно време.
Основната тема на нашиот разговор беше Вечната Македонија, болката за прокудените од нејзините пазуви, македонските бежанци во Бугарија и нивната вечна страст кон бугарското име, слово и јазик. Цели четири часа седевме во старата скопска чаршија и говоревме на нашето минато, нашите страсти и нашите безумија…само ние двајцата, со тихото, нечујно присуство на еден дипломат.
Нормално дека разговорот почна со неговата дамнешна изјава за “Македонија, наромантичниот преиод на бугарската историја“! Така е, вели Стојанов, тоа е точно, а точно е и моето чувство дека доаѓам во пријателска земја. Одбив секакво обезбедување од Бугарија, насекаде кажав дека одам во нашата најпријателска држава и сам, со само еден мој постар пријател дојдовме овде, во Скопје. Дојдов со мојата кола, а обезбедувањето кое го гледаш сега, тоа е протоколот кој следува од Македонија, во организација на претседателот Иванов. Тоа е сѐ и горд сум на тоа, додава. Навистина, пред нас одеше едно Yeti со полициски ознаки и еден униформиран и еден цивилен полицаец. Беа извонредно љубезни и културни, секогаш на пристојна далечена од нас, речи си невидливи.
Веднаш почнавме со романтиката. Не, не говоревме за Гоце, Даме, Пере и другите од Македонија. Говоревме за оние херои кои биле од Бугарија, биле членови на ВМОРО и се бореле за слободата на “нашиот“ народ во Македонија и Одринско. Со пиетет се говореше за имињата на жртвите во ослободителното дело, како Михаил Апостолов од Горна Дикања Радомирско, Марко Лерински, роден како Георги Иванов од Котел, Бугарија, херојот од аферата Мис Стон капетанот Христо Чернопеев од Дерманци, Ловечко, Павел Делирадев од Панаѓуриште, херојот и војвода на ревизионата чета на ВМОРО Тома Давидов, од Ловеч, паднат и закопан во Оздолени, Охридско, војводата Тане Николов и неговиот внук Мамин Кољо, од Хасково, Параскев Цветков од Плевен и ред други.
Не остана заборавен ниту комунистот Коста Иванов-Динката, од Стара Загора, член на Врховниот комитет, потоа член на ВМОРО, за конечно да заврши како член на БКП.
Колку и чудно да изгледа, не се говореше за силата на Организацијата и за единството на народот. Тоа беа факти познати и прифатени, решени уште од нашите претходни генерации, а потврдени низ борбите и војните.
Како одминува вечерта, така се развива темата за нашите визии за иднината. Тука веќе, разговорот врви тешко. Не може да биде поинаку, кога разговараат еден демократски претседател во една демократска држава и еден автор на текстови кој сеуште смета дека му се нарушени, не само националните права, туку и системот на човекови права и сопствено опстојување.
Љубезен е и расположен кон Македонија и македонците Петар Стојанов. Смета дека пријателството, срдечноста и отвореноста во решавањето на нерешените прашања, ќе вродат со плод, ќе дадат позитивни и прифатливи резултати. Како и повеќето бугарски политичари, верува на своите македонски пријатели, верува на нивните изјави и срдечности. Сепак, во реалниот свет, ветувањата и љубезноста на политичарите не чинат ни пет пари. Треба да сте овде- правам напор да го “отрезнам“-тогаш ќе разберете дека денот кажува едно, но ноќта “раѓа“ друго…и така до бесконечност во последниве триесетина години.
Се разделивме за да се сретнеме пак по два дена, во Бугарскиот кутурен центар во Скопје. Стојанов ја отвараше изложбата “Бугарија од птичји поглед“. Со своевиден шарм и познатата широка насмевка, ја плени публиката. Впечатливо беше што не дојде никој од неговите “македонски пријатели“, па ја имав честа да го придружувам во разговорите со присутните. Ширеше невидена позитивна енергија и надеж, толку посакувани на нашите пространства.
Взаемната почит беше белегот на нашите контакти. Во оние четири и повеќе часа разговор во Старата чаршија во Скопје, успеавме да се разбереме за сѐ, за страстите, за романтиката, за единството и судбините на еден поделен народ и за неспорниот пат на Македонија кон ЕУ. Не успеавме само да се разбереме за тоа, како ќе одиме напред, како и со која методологија ќе се разрешуваат наталожените недоразбирања и конфликтни ситуации меѓу македонците и бугарите, конфликти наметнати од трети страни.
Мислам дека “последниот романтичар“ меѓу нас, во Скопје се судри со грубата, сурова реалност. Тој веројатно знае дека на заминување, официозот “Нова Македонија“го предупреди дека Македонија е навистина најромантичниот дел, ама од македонската, а не од бугарската историја! Да се расчистат работите за единството на еден народ!
Времето кое доаѓа, неминовно ќе ја преотцени и ролјата на “романтичарот“, но и ролјата на оние кои престанаа да веруваат на лажливите изјави на македонските политичари за правда и еднаквост. Дојде време и ние овде, да ги научиме лекциите на Белград и Москва за инженеринг на нациите и суровоста кон не-истите!
Почитта кон “романтиката“ ќе остане засекогаш меѓу нас!