Започнува имплементацијата на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ чија главна цел е градење транспарентен и одговорен здравствен систем кој одговара на потребите на сите граѓани, особено на жените и маргинализираните групи. Станува збор за национална иницијатива која се темели на три главни активности – обуки на здравствените работници за зајакнување на нивната улога во борбата против коруптивните практики, зголемување на свеста на граѓаните за препознавање и пријавување корупција, како и реформа на политиките и процесите во здравството.

Проектот, кој ќе трае 18 месеци, го спроведува Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, во партнерство со Македонската асоцијација на гинеколози и опстретичари МАГО. Преку активностите директно ќе бидат таргетирани 1.850 жени од маргинализираните групи, околу 700 здравствени работници, 30 претставници од надлежни јавни институции и 90 новинари, но и целокупната јавност.

„Корупцијата е еден од најсериозните проблеми во државата, а тоа особено се одразува во здравството, имајќи ја предвид сензитивноста на овој сектор и неговата важност за секој граѓанин. Според истражување на Светската здравствена организација, 46 отсто од домаќинствата плаќаат од џеб за здравствените услуги иако јавните трошоци за здравство постојано се зголемуваат. Нашето истражување пак покажа дека 95 отсто од Ромките и жените од руралните средини плаќаат за примарни гинеколошки прегледи иако оваа услуга би требало да биде бесплатна. Овие бројки укажуваат дека е неопходно сите заедно како општество да работиме за искоренување на корупцијата во здравството“, вели Јасминка Фришчиќ, извршна директорка на ЕСЕ.

„Ние како здравствени работници не смееме да замижиме пред фактот дека корупцијата е присутна во здравството. Напротив, сметам дека треба директно да се вклучиме во сите активности насочени кон препознавање и спречување на коруптивните дејства. На тој начин ќе ги заштитиме пациентите, но ќе се заштитиме и себеси и угледот на нашата професија. Сите жени треба да имаат еднаков пристап до редовни и квалитетни гинеколошки услуги и верувам дека преку работата на овој проект ќе ја постигнеме таа цел“, рече д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстретичари МАГО.

Со цел поширока национална застапеност на планираните активности, во имплементацијата се вклучени и граѓанските организации Мајка од Куманово, Станица П.Е.Т. од Прилеп, Женски форум од Тетово и Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе. Имплементацијата на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ е поддржана од Expertise France преку Француската агенција за развој.

Текстот Посилен систем за поправедна заштита – нов проект за борба против корупцијата во здравството е превземен од МАКФАКС.