Посетата на премиерот на Бугарија Кирил Петков на Скопје не се откажува, туку се одложува, соопшти прес-службата на бугарската Влада.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков, кој е во изолација поради контакт со заразен од ковид, привремено на сите веќе планирани средби ќе го менува вицепремиерката Калина Константинова.
Претходно бугарската влада информира дека Кирил Петков и шефицата на неговиот кабинет Лена Бориславова ќе бидат во самоизолација во наредните денови.
Петков продолжува да работи од самоизолација и е во постојан контакт со членовите на бугарската влада. Тој ќе ја одржи онлајн денешната средба со работодавачите.
Петков присуствуваше на вчерашниот состанок на Советодавниот совет за национална безбедноста кај претседателот Румен Радев на кој се расправаше за Северна Македонија. Неколку часа по состанокот беше објавено дека претседателот на Народното собрание Никола Минчев има коронавирус, по што сите присутни се самоизолирани.