Португалија од денеска го презема шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ, под мотото „Чесно, зелено и дигитално закрепнување”.
Економското закрепнување, климатската и дигиталната транзиција и јакнењето на стратешката автономија на ЕУ се приоритети кои Лисабон ги има во својата агенда, со напомена дека доаѓа време за реализација на сите „револуционерни одлуки”, донесени во текот на германското претседавање.
Португалија по четврти пат ќе се најде на чело на ЕУ, а вторпат во формација на т.н. „претседателско трио”, кое го сочинуваат уште Германија како претходник и Словенија како наследник.
Во Лисабон се нагласува дека следниот период, како и нивното претседавање, ќе бидат првично обележани со почетокот на примената на пакетот за закрепнување на ЕУ по кризата која ја предизвика пандемијата на Ковид-19.
Португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантос Силва истакна дека во следните шест месеци би сакал во медиумските наслови да прочита дека Португалија напредувала во спроведување на сите програми и прописи утврдени во договорот за повеќегодишната финансиска рамка, дека сите национални планови за отпорност и закрепнување се целосно функционални, но и дека огромната кампања за вакцинирање во Европа е ефикасна.
Тој исто така очекува и усвојување на Европскиот климатски закон, дебата за дигиталната агенда, како и започнување нови односи со САД, Индија и Обединетото Кралство.
– Мотото на нашето претседавање е „Време е за испорака: чесно, зелено и дигитално закрепнување” и мислам дека тоа опфаќа се што и е потребно моментно на Европа. Ова е време за дејствување, конкретизирање и постигнување резултати врз основа на одлуки и револуционерни избори кои ги направивме во изминатите месеци, истакна Силва.
Јакнењето на социјалните права, промоцијата на европскиот социјален модел, еднаквоста на половите и борбата против дискриминацијата се исто така дел од приоритетите на португалското претседавање со ЕУ.
Португалија ќе се фокусира и на јакнење на стратешката автономија, европското лидерство во светот, но и на отвореноста на Европа кон светот.
Се наведува дека поради пандемијата на Ковид-19 и во текот на првата половина на 2021 година во ЕУ ќе преовладуваат виртуелните состаноци и конференции, но се надеваат дека физичките средби ќе почнат штом кампањата за вакцинација низ Европа покаже доволен напредок против коронавирусот.