Држејќи се до принципот дека никогаш не смее да и стане здодевна на публиката, и со гласот и со стасот (денес би рекле дизајнот), Лисац му внесува свежина во „толкувањето“ на нејзиниот култен албум, изведувајќи ги песните во џез-аранжмани

Стојан СИНАДИНОВ

Фото: Фејсбук страница на Јосипа Лисац/приватна архива

Концертот на Јосипа Лисац закажан за 3 ноември во Скопје веќе уште од сега ги подгрева емоциите кај слушателите. Самиот концерт е форматиран како посвета на нејзиниот најзначаен албум во кариерата, „Дневник на една љубов“ (Dnevnik jedne ljubavi), кој пред 50 години постави „златни“ стандарди во хрватската и ексјугословенската поп-музика.

Јосипа Лисац (родена на 14 февруари 1950 во Загреб) на почетокот на нејзината кариера била членка на групата „Златни Акорди“, вистински расадник на пејачи и музичари. Десетте нумери од нејзиниот прв солистички албум, споменатиот „Дневник на една љубов“, веднаш станаа еталон за поп-музика кај критиката. Со силниот глас и автентичниот моден стил, кои сè уште немаат вистински пандан на регионалната музичка сцена, Јосипа Лисац го испиша сопствениот портрет во едно подобро минато кое, и вака „подгреано“, повторно ги распродава нејзините концерти.

Турнејата „50 години од Дневникот на една љубов“ започна со концертот во август во Пула, и Лисац до крајот на ноември ќе настапи, буквално, од Македонија до Словенија.

Држејќи се до принципот дека никогаш не смее да и стане здодевна на публиката, и со гласот и со стасот (денес би рекле дизајнот), Лисац му внесува свежина во „толкувањето“ на нејзиниот култен албум, изведувајќи ги песните во џез-аранжмани. А кога сме кај тој фамозен „Дневник на една љубов“, името на композиторот и пејачот Карло Метикош, е многу повеќе од гол дискографски факт.

Карло Метикош (1940-1991) не бил само нејзиниот животен партнер, туку многу, многу повеќе. Ако замислите некој јинг-јанг пар на хрватската и ексјугословенската естрада – а и пошироко – тогаш тоа се Лисац и Метикош.

Метикош на почетокот на шеесеттите години од минатиот век имал интернацинална музичка кариера, под името Мет Колинс (Matt Collins), во Западна Европа и Африка, а подоцна заедно со Јосипа Лисац го освојувале и некогашниот СССР.

Еден од најагилните и најпедантни хроничари на музичкиот живот во некогашна Југославија, Петар Луковиќ, во портретирањето на Метикош забележал дека кога за прв пат ја слушнал како пее Јосипа – останал без зборови!

-Ни се сретнаа погледите – како во приказна – и оттогаш не се разделивме. Од 1971 година! Таа беше малку буцкаста, мила, но пееше феноменално. „Па што барам јас тука?“, се запрашав кога ја слушнав за прв пат. „Како тоа колегите не се срамат да пеат со неа“? Бев воодушевен од нејзиното пеење и од начинот на кој се однесуваше… Потоа се заљубив до ушите и така натаму… Се качивме на автобусот од Петриња за Загреб, седнав до неа, ги испуштив моите позитивни вибрации, се запознавме малку. Јосипа подоцна ми призна дека како мала отишла да види каде живеам, бидејќи по грешка ѝ кажале дека живеам во улицата Моша Пијаде. Се возела со трамвај и гледала во нечиј прозорец мислејќи дека е мој! Првата плоча што Јосипа ја купила во животот е плоча на Мет Колинс! Судбина… – раскажуваше Метикош.

Кога Карло почувствувал дека сретнал вонсериска пејачка која го заслужува неговот внимание, и кога сфатил дека е веќе малку стар и уморен од рокенролот и атмосферата на естрадата, почнал да компонира по некоја песна.

-Кога Јосипа ме слушна – ми предложи да компонирам нешто за неа… Потоа отидовме во Русија, а таму јас работев цели две години на нашиот прв албум, кој беше навистина направен со голема љубов и ентузијазам. Всушност, ние го направивме „Дневникот на една љубов“ за нас, се сеќаваше Метикош.

-Со исклучок на Арсен Дедиќ, ретко кој изведувач има толку јасна и разгранета линија на влијание врз помладите генерации како Јосипа Лисац. Од раните деведесетти и соработката со Дино Дворник на „Rušila sam mostove od sna“, одвреме-навреме се појавува млад уметник кој наоѓа одреден сегмент во песните на Јосипа Лисац и решава да го „присвои“ или да си поигра со нејзиното уметничко наследство во на некој друг начин. А нејзиното наследство е автентичност и иднина, и подобра иднина, полна со љубов, ценење и разбирање, со тенденција секој човек да биде она што го сака и разбира. Јосипа гледаше напред, дури и по цена на недоразбирање на критичарите и публиката. Седумдесет песни во 70 години живот и приближно половина век дискографска активност се премалку за да се пренесат сите стилски каприци на Јосипа и сите ремек-дела на нејзината вокална пиротехника, но составувачот на оваа компилација, Синиша Шкарица, успеа да го најде златниот пресек, врз основа на што ќе има најмалку незадоволни. Потписникот на овие редови ќе се жали дека ги нема „Плачам“ од „Дневникот на една љубов“ и насловната песна од албумот „Хир хир хир“, туку некаде морало да се прекине компилацијата и конечно да се обликува нејзината структура, пишуваше хируршки точно пред три години музичкиот критичар Зоран Тучкар во неговиот есеј „Саундтрак за сечиј живот“ посветен на албумот „Дискобиографија“ на Јосипа Лисац.

Ако можете да замислите некој пандан на Дејвид Боуви на хрватската и ексјугословенската музичка сцена, тогаш тоа мора да е Јосипа Лисац. Но, ако Боуви беше „човекот што падна на земјата“, тогаш Јосипа Лисац сиве овие 50 години цврсто се држеше на неа, обидувајќи се да ја смени нејзината музика „одвнатре“.

И успе(в)а во тоа.

Превземено од Рацин.мк