Портпаролката на Европската комисија (ЕК), Паула Пињо, денес изјави дека Европската унија е задоволна и благодарна што има одлични лидери.

Паула Пињо одговори на прашањето на бриселскиот портал „Политико“ за интервјуто на американскиот претседател Доналд Трамп, кој даде остра оценка за европските лидери, нарекувајќи ги „слаби“.

„Многу сме задоволни и благодарни што имаме одлични лидери, почнувајќи од лидерката, претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен, на која сме навистина горди, која може да нè води во многуте предизвици со кои се соочува светот“, рече Паула Пињо.

Портпаролката на ЕК, исто така, ги пофали како што рече „многу други лидери на чело на 27-те земји-членки кои се дел од тој европски проект, тој мировен проект, кои ја водат ЕУ со сите предизвици со кои се соочува, од трговија до војна во соседството“.

„Затоа, дозволете ми да ја искористам можноста да го повторам она што многу од милионите граѓани во ЕУ мислат: Ние сме горди на нашите лидери“, додаде Паула Пињо.

Американскиот претседател оцени дека Европејците се слаби и дека Русија е во позиција на сила во војната во Украина.

„Мислам дека тие (Европејците) се слаби, но исто така мислам дека сакаат да бидат политички коректни. Не мислам дека знаат што да прават“, рече Трамп во интервју емитувано денес за „Политико“.

Американскиот претседател верува дека Русија е во позиција на сила во војната во Украина и ги обвини европските лидери за „неактивност“, а во исто време наведе дека верува оти имиграцијата ја загрозува одржливоста на неколку европски земји.

Американскиот претседател обвини неколку европски влади дека им дозволуваат на милиони луѓе да влезат во Европа, осудувајќи ги „катастрофалните“ имиграциски политики кои наводно ги трансформирале градовите како Париз, Лондон и Стокхолм.

Трамп рече дека Европа е во опаѓање затоа што ја водат слаби лидери.

Фото: депозитфотос

Текстот Портпаролката на Европската комисија за оценките на Трамп: Задоволни сме што имаме одлични лидери е превземен од МАКФАКС.