Лидерот на Западот, екипата на Денвер Нагетс падна на гостувањето кај Њујорк Никси (116-110). Пресметката во „Медисон Сквер Гарден“ понуди многу пресврти, двете екипи имаа свои моменти и можеа до победата, ама домаќините во финишот имаа повеќе концентрација и славеа. Брансон го предводеше тимот на Никси до победата со 24 поени, а му помогнаа и Берет со 21 и Рендл со 20 поени. Кај Нагетси се истакнаа Џамал Мареј со 25 поени, како и Јокиќ со „дабл-дабл“ ефект од 24 поени и десет скока.
Шампионот Голден Стејт загуби на гостувањето кај Мемфис Гризлис со 133-119. Дуелот во „ФедЕксФорум“ во целост му припадна на домаќинот кој речиси константно водеше. Иако играа без првата ѕвезда Џа Морант, Гризлис, предводени од Џексон кој уфрли 31 поен и Бејн кој заврши со 26 поени, дојдоа до победата. Кај „воините“ се истакна Куминга со 24 поени, додека најдобрите Кари и Томпсон беа скромни и комбинираа 30 поени.
На останатите терени, Филаделфија слави во Индијана (121-141), Торонто беше подобар од Минесота (122-107), Чикаго го совлада Мајами (113-99), Сакраменто победи во Вашингтон (118-132), Јута го доби дуелот со Бостон (118-117) и Клиперси дома запишаа неуспех со Орландо (108-113).