Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, кој заедно со тројца други онколози е обвинет за несовесно лекување на пациенти, денеска пред Основниот кривичен суд Скопје изјави дека не се чувствува виновен. Вината, денес пред судот, ја отфрлија и обвинетите, Драган Јакимовски и Симонида Црвенкова, кои истакнаа дека својата кариера ја посветиле на лекување на пациентите.

Докторката Мери Пешевска, од друга страна ја прифати одговорноста во делот на нејзините лозинки за пристап до системот кои, како што рече биле оставени на шалтер, но тоа било направено со цел побрзо да минуваат пациентите и да се аплицира терапијата за нив. Одбраната на Пешевска побара раздвојување на постапката.

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска рече дека обвинетите свесно и систематски постапувале спротивно на стандардите на светските и европските онколошки упатства, при што на 29 пациенти биле применети неподобни терапии со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.

Обвинителката нагласи дека несовесното постапување било овозможено и со соработка со Пешевска, која му дала пристап до системот на Васев, а со тоа се финализирале терапии без соодветен надзор.

Според Обвинението, кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба. Покрај тоа, Васев и поранешниот економски директор се соочуваат со дополнително обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари.

Текстот Поранешниот директор на Онкологија не се чувствува виновен – продолжи судењето против Васев и тројцата онколози е превземен од МАКФАКС.