Поранешни уставни судии и професори се дел од членовите на работната група која ќе има задача за утврдување на уставните амандмани. Внесување на Бугарите во Преамбулата е услов за продолжување на преговорите со Европската Унија по завршувањето на процесот со скринингот, за кој е неопходно двотретинско мнозинство во Собранието, објави Радио Слободна Европа.

Според соопштението на Министерството за правда во работната група ќе членуваат поранешниот претседател на Уставниот суд Сали Мурати и неговиот колега Бранко Наумовски, поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца Николовска, поранешниот уставен судија и професор по уставно право Бајрам Положани.

Меѓу експертите на списокот се и професорите Јетон Шасивари, Ана Чупеска, Елена Михајлова Стратилати, Беса Арифи, Јагода Митревска и Марија Пандевска.

„Списокот на работната група ќе се дополнува во наредниот период и со други членови кои ќе дадат свој придонес во подготовката на уставните измени“, се вели во соопштението.

Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието.Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови, е посочено во соопштението.

Внесувањето на Бугарите во македонскиот устав не се само бугарско барање, туку е дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, односно се услов поставен од Европската унија. До ноември трае скринингот од ЕУ, а власта се надева дека ќе може да ги направи уставните измени до тогаш за веднаш да почне отворањето на поглавјата во преговорите со Унијата.

Опозициската ВМРО- ДПМНЕ засега јавно вели дека нема да учествува во работната група за измени на Уставот, и дека пратениците нема да ги поддржат во Собранието.