Поранешната министерка за правда Мери Младеновска Ѓорѓиевска смета дека судиите треба да се прозиваат со име и презиме во јавноста од страна на владини функционери. Ваквиот став таа го искажува по потегот на првиот човек на министерството за правда, Бојан Маричиќ, кој во средата на социјалната мрежа Фејсбук, посочи двајца апелациски судии во судечкиот совет, Ѓоко Ристов и Енвер Беџети, како одговорни за прифаќањето на гаранцијата од повеќе од 11 милиони евра за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, да може да излезе од притвор.

Според Младеновска Ѓорѓиевска, за да се сменат состојбите во судството, но и перцепцијата на граѓаните, крајно време е со име и со презиме да се посочат, но и да се санкционираат сите судии што ги кршат законите.

„Контрапродуктивно е да се критикува судството во целина. На овој начин се демотивираат судиите што работат стручно, професионално и одговорно“, вели Младеновска за Дојче Веле.