Поради зголемениот интерес за вакцинирање, од среда или четврток ќе биде повторно отворен пункт во спортскиот центар „Борис Трајковски“, но во малата сала, рече министерот за здравство Венко Филипче. Соопшти дека процесот на имунизација се одвива добро на сите пунктови и до вчера над 650 илјади граѓани примиле барем една доза вакцина, а бројот на ревакцинирани достигна половина милион.
-Повторно ќе се отвори „Борис Трајковски“, за што дел од вработените од Здравствен дом кои беа на годишни одмори ги прекинаа за да ја стават во функција. Тоа ќе биде малата сала, не големата, и ќе има 20-ина места каде што ќе може да се спроведе вакцинација. Верувам дека тоа ќе ги растовари метежите и редиците што ги имаме пред здравствените домови, изјави денеска Филипче.
Апелираше граѓаните да се вакцинираат, има од сите типови и во доволно количини, посочувајќи дека нема наплив во болниците во градовите каде што е висок процентот и интересот за вакцинирање.
– Граѓаните мора да знаат дека додека сите не се вакцинираме, ова нема да престане и тоа е единствениот спас. Има јасни меѓународни препораки од релевантни институции дека природниот имунитет по прележување на болеста со тек на време се намалува, а вакциналниот имунитет е потраен. Сите препораки укажуваат за што пократко време луѓето да се имунизираат. Така ќе се зголеми степенот на вакцинација и ќе се постигне колективен имунитет. Треба да спречиме следни бранови, ова мора да го прекинеме. Природниот имунитет со тек на време се намалува и затоа нема потреба да се чека, појаснувајќи зошто во најновите мерки се препорачани 45 дена, а не подолг период од озравувањето.
На прашање зошто во угостителски објекти не може да се влезе со негативен ПЦР-тест, одговори дека не е потребно да се изложуваат на трошоци зашто така би требало секој ден да прават тестови.
Во однос на серификатите за вакцинација и можноста за фалсификување, Филипче одгвоори дека контролата е во надлежност на инспекторатите. Потсети дека од пред неколку дена е потврдено дека нашиот сертификат се признава во Европската Унија. Соопшти дека покрај апликацијата CommonPass, од средината на следната недела европскиот сертификат ќе може да се симне и на нова апликација – Мое здравје.
– Ги имаме сите електронски алатки за инспекторатите да бидат сигурни дека граѓаните имаат веродостоен документ, додаде министерот за здравство.