Земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала го погоди брегот на Чиле во преминот Дрејк меѓу Кејп Хорн и Антарктикот на длабочина од само 10 километри, соопшти Американскиот геолошки институт, по што беше објавен повик за евакуација поради закана од цунами.
Чилеанската агенција за катастрофи соопшти дека нема штета на клучната инфраструктура или луѓе, но повика на евакуација долж јужниот брег поради опасност од цунами.
„Повикуваме на евакуација на брегот во целиот регион Магаланес“, рече претседателот Габриел Борич на „Икс“, додавајќи дека сите државни ресурси ќе бидат достапни за да се ублажат можните последици од ударот.
На видеата споделени на социјалните мрежи може да се види како луѓето мирно се евакуираат, додека во позадина се слушаат сирени.
Чилеанската хидрографска и океанографска служба проценила дека брановите во наредните часови ќе стигнат до Антарктикот, а потоа и до градовите на крајниот југ на Чиле.
Чилеанскиот антарктички институт изјави за Ројтерс дека базите се евакуираат. Според локалните власти, евакуирани се околу 2.000 луѓе.
На Антарктикот се очекуваат бранови од 0,3 до 1 метар, а во Чиле се очекуваат бранови од 1 до 3 метри.