Бројот на меѓународни трансфери во машкиот фудбал минатата година првпат се намалил на годишно ниво во последната деценија, соопшти Светската фудбалска федерација (ФИФА), укажувајќи дека надолниот тренд се должи на пандемијата на коронавирус.
Годишниот глобален извештај на ФИФА покажува дека во 2020 година биле реализирани вкупно 17.077 меѓународни трансфери што е за 5,4 отсто помалку во однос на 2019 година.
– Трендот на опаѓање несомнено се должи на ефектите од пандемијата на Ковид-19, се заклучува во извештајот на ФИФА за 2020 година.
За реализација на трансферите во 2020 година вкупно биле вложени 5,63 милијарди долари, што е за 23,4 отсто помалку во споредба со 2019 година.
Преминот на Каи Хаверц од Баер Леверкузен во Челзи е најскап трансфер во 2020, а англиските клубови минатата година го задржаа приматот на најголеми „играчи“ на меѓународниот пазар на фудбалери со потрошени вкупно 1,627 милијарди долари.