Наместо во Тирана, албанскиот премиер Еди Рама ќе ги пречека македонскиот премиер Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ во Елбасан, по повод состанокот на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“.
Според објавената агенда Заев и Вучиќ во Елбасан треба да пристигнат во 18:30 а официјлната вечера е планирана за 19:30 часот.
– Освен нив на вечерата ќе присуствуваат и делагациите на трите земји, во кои се министри и заменици министри, претседателите на трговско-индустриските комори, Вишиот советник на Атлантскиот совет Џим О’Брајан, како и потпретседателот на Фондацијата Отворено општество, Алекс Сорос.
Седмиот состанок во рамки на ницијатвата „Отворен Балкан“ ќе се одржи утре во Палатата на бригадите во Тирана. Делегациите ќе пристигнат во девет часот, по што следува трипартитна средба на Рама, Заев и Вучиќ, а пола час подоцна, во 9:30 официјално почнува состанокот.
Прв ќе се обрати домаќинот, Рама, потоа Вучиќ, па Заев како и Комесарот за проширување и добрососедска политика, Оливер Вархеји, Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ, како и директор на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек.
По потпишувањето на петте договори, заедничката прес конференција е предвидена за 13 часот.
Поради најавениот протест на поранешниот лидер на демократите, Сали Бериша и неговите приврзаници за во 16 часот денеска, преземени се засилени безбедносни мерки, а откажана е прошетката по Тирана, како што тоа беше во Белград и во Скопје.
Протестот, како што објави актуелниот лидер на демократите Љуљзим Баша, тие не го подржуваат.
Во Тирана во декември 2019 година беше одржана третата средба во рамки на иницијативата, при што Рама, Заев, Вучиќ, како и црногорскиот претседател Ѓукановиќ, кој учествуваше на средбата, го посетија и Драч, за да одблизу се запознаат со последиците од катастрофалниот земјотрес, што земјата ја погоди на 26 ноември истата година, при што Драч беше најпогоден град.